Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска добило пријава за случајот со прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера во новите простории на Министерството за политички систем.
На фотографијата од настанот која ја сподели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се гледаат членовите од врвот на партијата кои седат без заштитни маски.
Од МВР велат дека веќе постапуваат по пријавата, а веќе е известен и јавен обвинител.
Согласно своите надлежности, додаваат од МВР, Државниот инспекторат за труд веќе најави вонреден инспекциски надзор во врска со почитување на мерките, препораките и одлуките на Владата на Република Северна Македонија заради заштита од ширењето на зараза од коронавирусот на вработените во оваа институција.
„Министерството за внатрешни работи постапува по пријава примена во текот на денешниот ден, во врска со која е известен Јавниот обвинител и по добиeните насоки од него. Во согласност со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразна болест ковид-19 предизвикана од вирусот САРС Ков-2, преземаме мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци“,
изјави за МИА началникот на Одделение за информации од јавен карактер во МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека одбележувањето на роденденот на Ахмети предизвикало погрешна интерпретација. Тој, сепак, се согласува дека можеби е испратена погрешна порака со фотографијата што тој ја објави, па ја тргна од Фејсбук.
Тој тврди дека немало ниту роденденска прослава, ниту партизација на државна институција, ниту прекршување на здравствените протоколи.
Со него се согласува и првиот вицепремиер, Артан Груби и во изјава за „360 степени“ рече дека целиот вчерашен настан на вселување во новите простории на министерството што тој го предводи бил организиран во согласност со протоколите за заштита од ковид-19, а дека фотографијата што ја објави Османи е „само момент“.
„Настанот се организира на првиот работен ден во новата година и според протоколите. Сликата што ја објави Османи беше само еден момент – за заедничка фотографија, при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети, слично како и минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство. Протоколите првенствено ги почитуваме за нашето лично здравје и за нашите семејства, како и за граѓаните“,
ни изјави Груби.
Тој до нашата редакција испрати и фотографии од вчерашниот настан, како потврда дека се почитувале протоколите, односно дека сите присутни функционери, меѓу кои беше и премиерот Зоран Заев, носеле маски.