Тендерот за набавка на таблички и налепници го доби фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“
Министерството за внатрешни работи ја заврши постапката за набавка на налепници и регистарски таблички со новата ознака НМК. Тендерот го доби фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“. За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години колку што предвидува договорот за набавката.
Според договорот објавен на страницата на електронскиот систем за јавни набавки, компаниите кои го добиле тендерот за чифт регистарски таблички понудиле цена од 540 денари плус ДДВ од 97,2 денари, односно 637,2 денари.
За налепниците, зависно од големината за чифт, тие понудиле цена од 25 до 35 денари без ДДВ. Се набавуваат 4 вида двојни налепници според големината и тоа:
- со димензии 99×42 милиметри за кои набавната цена на чифт налепници изнесува 35, 4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 5,4 денари),
- со димензии 85×40 милиметри цената ќе биде 41,3 денар. (основна цена 35 плус ДДВ од 6,3 денари)
- со димензии 53×37 милиметри по цена од 35,4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 5,4 денари и
- со димензии 48×18 милиметри по цена од 29,4 денари (основна цена 30 денари плус ДДВ од 4,5 денари).
Колкава ќе биде продажната цена на регистарските таблички и налепниците ќе одлучи Министерството за внатрешни работи.
Набавката, како што стои во договорот, ќе се реализира сукцесивно според потребите кои ќе ги утврди Министерството за внатрешни работи, а првата испорака треба да почне 30 дена од потпишувањето на договорот (7 декември) односно почетокот на јануари.
Обврската за користење на кодот НМК на регистарските таблички произлезе од Преспанскиот договор, а рокот до кога граѓаните чии регистарски таблички на возилата се со стариот код требаше да ги заменат со нови истекуваше во февруари 2024 година. Со новата владина одлука граѓаните ќе нема потреба да ги менуваат табличките, туку ќе добијат само лепенка со новиот код.