Електричните тротинети наскоро ќе бидат законски опфатени – потврдуваат за „360 Степени“ од Министерството за внатрешни работи. Трендот на овие безшумни возила не ја одмина ниту Македонија. Секој ден е се позабележително нивното присуство на улиците, тротоарите и велосипедските патеки. Поради зголемената популарност на електро-тротинетите се јавува и потребата за нивно ставање во законска рамка, велат од МВР.
„Со оглед дека појавата, односно учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид на превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а се со една цел – нормативно регулирање и воспоставување на стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот.“,
стои во одговорот на полицијата.
Додека електричните тротинети и официјално не бидат опфатени со законска регулатива, тие се третираат како велосипеди, што значи дека за нив важат истите правила како и за велосипедите, е неофицијалното објаснување од МВР. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ова се дел од правилата кои важат за велосипедистите – не смеат да се движат со брзина поголема од 25км/ч., мораат да се движат по десната страна од велосипедската патека или што подесно на коловозот, должни се да имаат предно бело, задно црвено и барем едно странично жолто светло, а ноќе при намалена видливост задолжителен е и рефлектирачки елек за возачот.
За прекршување на овие правила непослушните велосипедисти, а според МВР засега во таа категорија влегуваат и „тротинетџиите“, ќе платат казна од 50 евра.