„Доколку забележите ваква објава не кликнувајте на линкови во вакви објави, не споделувајте лични информации, не потпаѓајте на приказни кои играат на емоции“, апелираат од Министерството за внатрешни работи
Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на лажна објава на социјалните мрежи од пред неколку дена во која се тврди дека некои малопродажни компании за техника наводно нудат модерни телефонски уреди за ниски цени преку „внатрешна програма” поради оштетена амбалажа.

„Ве известуваме дека станува збор за измама со цел да се привлечат граѓаните да кликнат на сомнителни линкови или да остават лични податоци. Доколку забележите ваква објава, не кликнувајте на линкови во вакви објави, не споделувајте лични информации, не потпаѓајте на приказни кои играат на емоции за да ви измамат доверба. Компаниите за техника немаат тајни страници за ‘специјални’ телефони, и не ги нудат производите преку социјалните мрежи или неофицијални канали“,
се наведува во соопштението на МВР.
Оттаму апелираат до граѓаните да пријават во полиција доколку забележат ваква објава и информираат дека Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки и води постапки во врска со вакви измами.