Реакцијата на МВР следува откако на социјалната мрежа Фејсбук од вчера почна масовно да се споделува фотографија од лица за кои се тврди дека наводно се киднапери на деца и дека кружеле во околината на Скопје
Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите што некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери.
„Граѓаните да не наседнуваат на дезинформации, полицијата ја гарантира безбедноста. Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните“,
напишаа од МВР на официјалната фејсбук-страница.
Реакцијата на МВР следува откако на социјалната мрежа Фејсбук од вчера почна масовно да се споделува фотографија од лица за кои се тврди дека наводно се киднапери на деца и дека кружеле во околината на Скопје.
„Овие 5 души се киднапери на деца и се движат моментално околу Скопје, поточно Батинци! Денес имаше обид за грабнување на моите две внуки, но за среќа неуспешно. Затоа апелирам до сите граѓани овие лица ако некој ги види да ги пријави во полиција!“,
стои во објавата.