Истрагата за пронаоѓање на 14-годишната Вања, како што посочуваат од Министерството за внатрешни работи, продолжува интензивно, а на барање на МВР по девојчето е распишана меѓународна потерница од страна на Интерпол
Веста која денеска ја објави порталот „Курир“, а во која се наведува дека исчезнатата Вања е наводно пронајдена во соседна држава, е целосно лажна, објави Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во објавата на МВР, во која се демантираат наводите објавени од порталот, се посочува дека станува збор за дезинформации за кои непознатиот автор на веста се повикува на наводни „извори од истрагата“, притоа воопшто не потврдувајќи ги таквите наводи со прес-службите во МВР.
„МВР, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистинитиот текст секаде каде што е објавен да биде повлечен. Во спротивно ќе ги искористи сите законски расположливи средства кои стојат на располагање“,
се вели во демантот на Министерството.
Истрагата за пронаоѓање на 14-годишната Вања, како што посочуваат оттаму, продолжува интензивно, а на барање на МВР по девојчето е распишана меѓународна потерница од страна на Интерпол.
„Апелираме да не се шират дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата, а МВР постојано ќе ја информира јавноста сè до пронаоѓање на малолетничката“,
додаваат од МВР.
По 14-годишната Вања се трага веќе трет ден откако во понеделникот нејзината мајка објави дека е исчезната.
Портретната фотографија и описот на девојчето од вчера се објавени на веб-страницата на МВР во регистарот на исчезнати лица, а фотографии од девојчето масовно се споделуваат и на социјалните мрежи со надеж дека ќе придонесат кон побрзо пронаоѓање на 14-годишната Вања.