МВР регистрирало и неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент наводите од пријавите не се потврдени

Локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава и досега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, изјави на прес-конференција портпаролот на Министерството за внатрешни работи (МВР), Гоце Андреевски.
Сепак, како што рече, МВР постапува по одредени пријави и инциденти поврзани со изборниот процес.
Тој информира дека во 9 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници лишиле од слобода две лица од Крушево – Б.Х. (72) и Д.С. (36), во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање.
Во врска со истиот настан, од МВР соопштија дека во прилепската полициска станица повикани се и пет други лица од Крушево со престој во Прилеп.
„По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“,
рече портпаролот.
МВР регистрирало и неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент наводите од пријавите не се потврдени.
Министерството апелира до сите граѓани и политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Во случај на какво било нарушување на изборниот процес, граѓаните се повикуваат да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112.