Тестирањето ќе почне напладне, ќе се врши на секоја локација каде што има поставено камера од системот „Безбеден град“ и ќе трае од 15 до 30 минути, поединечно
По Скопје, Тетово и Куманово, активностите на Министерството за внатрешни работи (МВР) во рамките на проектот „Безбеден град“ продолжуваат на подрачјето на Охрид, каде што денеска ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на камерите за сообраќаен надзор.

Како што информираат од Секторот за внатрешни работи Охрид, активностите ќе се спроведуваат на автопатот Охрид – Кичево, помеѓу селата Горенци и Требеништа и помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца, а ќе започнат напладне.
Тестирањето и калибрацијата на камерите ќе се врши на секоја локација каде што има поставено ваков уред и ќе трае од 15 до 30 минути поединечно.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот на овој патен потег да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници со цел безбедно реализирање на планираните активности“,
се вели во соопштението од СВР Охрид.
Станува збор за последни подготовки на системот „Безбеден град“, кој треба и официјално да профункционира од 1 февруари, откако минатата недела Собранието со двотретинско мнозинство ги донесе измените на Законот за прекршоците.
По гласањето, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски посочи дека „Безбеден град“ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека казните ќе се движат од 15 до 500 евра, а ќе се санкционираат пречекорувањето на брзината на движење во и надвор од населено место, поминувањето на црвено светло, непрописното запирање и паркирање и учеството во сообраќај со нерегистрирано возило.
Крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села вчера поднесе иницијатива до Уставниот суд, со која ја оспорува уставноста на Законот за прекршоци. Села го спори тоа што измените на Законот не предвидуваат пораките што „Безбеден град“ ги испраќа до граѓаните за сторен прекршок да се двојазични, односно се испраќаат само на македонски јазик. Со тоа, како што вели, се прекршува Законот за употреба на јазиците. Според него е несериозно и казните да пристигнуваат преку порака бидејќи не постои законска обврска граѓаните да имаат мобилен телефон или електронска пошта.
