Полицијата пронашла неколку парчиња оружје меѓу кои и рачен ракетен фрлач зоља во домот на Г.Б. (37), државјанин на Косово со живеалиште во скопското село Кондово, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Претрес е извршен и кај неговата партнерка А.Ѓ. (34) во Скопје.

Како што информираше полицијата, претресите се извршени по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основниот кривичен суд во Скопје.

„При претресот кај Г.Б. била затекната и А.Ѓ., а пронајдени се три рачни бомби, еден рачен ракетен фрлач -зоља, еден пиштол, еден дел од пиштол, четири рамки од автоматска пушка, 164 куршуми различен калибар и шест ловни патрони. Лицата се лишени од слобода и задржани во полициска станица и против нив, во консултација со јавен обвинител, по документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка“,
се наведува во соопштението од МВР.
