Муцунски вели дека не е само прашањето на уставни измени, туку дека прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред
Во однос на критиките на лидерот на СДСМ Венко Филипче за Извештајот, Муцунски кажа дека опозицијата нема кредибилитет да зборува по ова прашање

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, смета дека главната порака што земјата ја има добиено од Брисел е дека геополитичкиот контекс и налага на ЕУ да го интерпретира процесот на проширување како процес на унификација на Европа којшто покрај економско има и безбедносно значење за Унијата.
„Убеден сум дека доколку државата ги имаше направено уставните измени и овој извештај ќе беше поразличен во начинот на којшто одредени фрази се поставени во неговата содржина, бидејќи техничкиот елемент којшто се оценува има и политички аспект. Но, ние како Влада отворено тоа што го зборуваме пред граѓаните и тоа што чувствуваме дека е став на нашиот народ го пренесуваме и во Брисел. Така се изградени и нашите позиции“,
вели Муцунски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија каде говореше за последниот Извештај на ЕК за напредокот на земјава и евроинтеграциите на земјава.
Тој вели дека не е само прашањето на уставни измени, туку дека прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред.
„Веќе година и половина опозицијата и луѓе блиски до неа шират хистерија дека надворешната политика на државата нема концепт, дека не знае каде се движи, дека без идеја се дејствува следејќи го секое детално гласање во полето на мултилатералната дипломатија за да сега, преку овој извештај добијат демант – надворешната политика и регионалната соработка – тоа што го работи МНРиНТ, беше највисоко оценето во овој извештај“,
рече тој.
Според него, во извештајот добиле пофалби за усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика и за други аспекти, како што е историското партнерство во одбраната и безбедноста и низа други елементи, каде, како што вели, се гледа дека очигледно нашата надворешна политика во еден сложен геополитички период кога трансатлантските односи не се такви какви што биле, кога имаме конфликти на повеќе места, успева да биде највисоко позиционирано низ призмата на тоа што го цени ЕУ, а сепак да го одржи нашето стратешко партнерство со САД.
Тој вели дека во Извештајот, покрај надворешната политика, има сегменти каде има и високи оценки во образованието, истражувањето, дигитализацијата, работата на Царинската управа, додавајќи оти во ниту една област државата нема назадување, освен нотираните суштински проблеми во борбата против корупцијата и реформата на правосудството.
„Факт е дека имаме суштински проблеми во борбата против корупцијата и реформата на правосудството што не сме ги решиле, каде што се идентификувани одредени аспекти кои се поврзани со она што Владата треба да го преземе, а некои се поврзани со работата на судството и на ЈО. И тука се согласувам дека треба повеќе да направиме и затоа имаме преземено обврска до крајот на оваа календарска година да ги донесеме сите клучни реформи во делот на правосудството и борбата против корупцијата кои се дел од Реформската агенда“,
рече Муцунски.
Вели дека доцнат постапките во борбата против високата корупција, кога најчесто доаѓа и до застарување на предметите, за што смета дека нема доволно ажурност, но кажа дека тоа не е критика за Владата, тоа е критика за правосудството.
„Тврдам дека голем број од судиите и обвинителите во државата се чесни луѓе, професионалци кои добро си ја вршат работата, но има исклучоци високопизиционирани кои го имаат киднапирано нашето правосудство, го држат во заложништво и притоа штитат одредени политички елити“,
рече Муцунски.
Тој кажа дека како Влада ќе направат се што можат да се елиминираат овие критики во делот на нивната надлежност но, вели, понатаму ќе очекуваат соодветно постапување и од страна на правосудните институции, и доколку нема такво постапување, ќе мора Владата да преземе и дополнителни мерки.
Во однос на критиките на лидерот на СДСМ Венко Филипче за Извештајот, Муцунски кажа дека опозицијата нема кредибилитет да зборува по ова прашање.
Според него, наместо голи критики што не се реални и не се објективни треба да се види што е она што заедички може да се направи за да се движиме напред.
„Притоа веројатно би било коректно и лидерот на опозицијата наместо да вели дека предлогот од 2022 е добар, да се извини на целата држава за грешките што се направени што не имаат доведено до оваа ситуација. Но, тој истовремено излегува со т.н. црвени линии каде никаде не се гледа која е црвената линија и со тоа ги влошува позициите на државата кога настапува надвор од нејзините граници. Така да контрадикторноста на опозицијата и кога беше власт и сега се покажува постојано на дело и немаат кредибилитет да зборуваат по овие прашања“,
додаде Муцунски.
Во однос на тоа дали Извештајот е коректен, со оглед на тоа дека Украина која е во војна има добиено позитивни оценки, Муцунски вели дека не е коректно како министер да ги цени портфолијата на другите држави кои имаат статус кандидат, туку да се фокусираме на обврските што ги имаме, како и да го искористиме моментот што ни е на располагање од гледна точка на интересот на ЕУ да се проширува.
Во однос на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за засилени активности по Нова година во евроинтеграциите и дали имаат сигнали од Софија во однос на нашите барања, тој рече дека за да процесот биде успешен треба да ја штитиме неговата доверливост.
„Доколку сакаме некој процес да биде успешен треба да ја штитиме неговата доверливост. Ние ќе продолжиме да бидеме принципиелни, имаме јасни позиции, но верувам дека таму каде што постои желба, постои и начин. И тоа го говорам насочено и кон ЕУ која ако сака да испорача ќе најде начин. Ние постојано одиме и дискутираме за тој процес. Дел од средбата со претсдателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта во Брисел беше поврзана и со ова прашање, така што не е сега дека почнуваме нешто – процесот трае и ќе продолжи да трае се додека не се најде кредибилно и одржливо решение и граѓаните треба да бидат уверени дека тоа нема да биде решение како нашите претходници“,
рече Муцунски.
