На средбата, како што соопштија од МНР, се разговарало за актуелниот статус на македонското ЕУ-досие, заемната посветеност за надминување на актуелните предизвици и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска, на маргините на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија кој се одржува во Луксембург, оствари средба со комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, информираат од македонското МНР.

На средбата, како што соопштија оттаму, се разговарало за актуелниот статус на македонското ЕУ-досие, заемната посветеност за надминување на актуелните предизвици и неопходноста од забрзување на евроинтегративниот процес.
„Заеднички беше потврдена посветеноста на Владата кон реформската агенда и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што претставува силна потврда за стратешката ориентација на државата и трасира кредибилен и веродостоен пат кон полноправно членство во ЕУ“,
се наведува во соопштението на МНР испратено до медиумите.
На средбата станало збор и за трагедијата што неодамна се случи во Кочани, при што министерот Муцунски изразил благодарност за поддршката што Европската Унија ја покажа, како преку директната помош од земјите членки, така и преку брзото активирање на Европскиот механизам за одговор на кризи.
Во рамки на работната посета на Луксембург, на покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, министерот Муцунски вечерва ќе учествува на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, во формат на министри за надворешни работи на земјите-членки и земјите од Западен Балкан, додаваат од МНР.