Во пресрет на претседателските избори во САД, Гренел беше посочуван како еден од најсериозните кандидати за позицијата државен секретар
Изборната победа на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, утрово ја честита и министерот за надворешни работи и за надворешна трговија на земјава, Тимчо Муцунски.
Во честитката, објавена на социјалните мрежи, Муцунски вели дека со нетрпение очекува да работи со новата американска администрација, споменувајќи го притоа и Ричард Гренел, еден од најблиските соработници на Трамп и функционер за време неговиот прв мандат во Белата куќа.
„Честитки до претседателот Трамп за неговата изборна победа! Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и со новата администрација на Трамп за да ја унапредиме нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет“,
напиша Муцунски во честитката.
Заедно можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена, додава Муцунски.
Инаку, американскиот дипломат Ричард Гренел, кого Муцунски го споменува во честитката, летово имаше чести средби со премиерот Христијан Мицкоски, министерот Муцунски и други претставници на македонската Влада.
Гренел во американските медиуми се опишува како човек од доверба на Трамп. Тој својата функционерска кариера за време на мандатот на Трамп од 2016 до 2020 година ја почна како амбасадор на САД во Германија, а потоа и како специјален пратеник за Балканот. Во 2020 г. Гренел беше назначен за в.д. директор на Националното разузнавање на САД, позиција од која ја координираше работата на 17 разузнавачки агенции.
Во пресрет на претседателските избори во САД, Гренел беше посочуван како еден од најсериозните кандидати за позицијата државен секретар.
Муцунски со честитката сподели и фотографија од средба меѓу него, Мицкоски и Гренел.
Претходно честитка до Трамп упати и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека победата е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата.