Ваквиот усогласен и стратегиски ангажман, како што рекол Муцунски, ќе придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел ја истакнал потребата регионот на Западен Балкан да остане под засилен фокус на Алијансата и на Европската Унија.

Ваквиот усогласен и стратегиски ангажман, како што рекол Муцунски, ќе придонесе за зачувување на мирот стабилноста и безбедноста на регионот, како и за поддршка на целосната интеграција на земјите од регионот во европските и евроатлантските структури.
„Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи важноста од долгорочен и стратешки пристап на Алијансата, како и потребата од единство меѓу сојузниците во насока на одржлива политичка волја, фер распределба на товарот и колективна посветеност. Тој укажа и на потребата од заеднички пристап за постигнување долгорочно и заемно прифатливо мировно решение, преку конструктивниот дипломатски процес отпочнат од САД и Украина, со поддршка на партнерите“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На состанокот во седиштето на Алијансата во Брисел, како што информираат од Министерството, било разговарано за имплементацијата на одлуките донесени на Самитот во Хаг, зајакнувањето на колективната одбрана и одговорот на современите безбедносни предизвици.

Прашањето за Украина, во контекст на последните напори за администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, беше високо на агендата на состанокот.
Во изјава за новинарите пред почетокот на состанокот, шефот на македонската дипломатија изјави дека силен фокус ќе биде ставен на нашата принципиелна поддршка за Киев, но и на моментумот и можноста за постигнување мир во Украина.
Во таа насока, Муцунски рече дека претседателот на САД и неговиот тим покажале силна посветеност.
„Државниот секретар Марко Рубио, претседателот Трамп и целиот негов тим покажаа силна посветеност за постигнување мир. Повторно нагласувам дека постои јасна можност за наоѓање мирно решение, и секако ќе продолжиме со нашата поддршка за овој моментум“,
изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството попладнево информираа и дека на маргините на министерскиот состанок на НАТО, шефот на дипломатијата Муцунски на покана на неговиот италијански колега, Антонио Тајани, учествувал на тематски состанок посветен на Коридорот 8, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.

На состанокот, како што се наведува во соопштението, била нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени.
„Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење. Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура“,
се вели во соопштението.
