„Доколку сте стопанственик кој сака да патува во САД – слободно можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој или сака да студира во САД или да оди на ‘work and travel’ – ова нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, еве, на пример, Светското првенство во фудбал ќе се одржува таму – исто така ќе можете да патувате туристички и оваа одлука нема да има никакво влијание врз вас“, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека Скопје е во комуникација со Вашингтон по последната одлука на американскиот Стејт департмент да ја стави Македонија на листата на земји за кои го суспендира издавањето на имигрантски визи. Уверува дека ќе се најде соодветно решение за визите.

Не се работи за никаков прекин, ниту „црна листа“, вели Муцунски, туку за паузирање на постапките за иселенички визи за кои, како што рече, има најмал број апликации кои пред сè доаѓаат од повозрасна категорија граѓани.
Одлуката на САД за иселеничките визи, како што посочи министерот за надворешни работи, не влијае на сите останати постапки за издавање визи за Соединетите Држави, како на пример – студентските.
„Доколку сте стопанственик кој сака да патува во САД – слободно можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој или сака да студира во САД или да оди на ‘work and travel’ – ова нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, еве, на пример, Светското првенство во фудбал ќе се одржува таму – исто така ќе можете да патувате туристички и оваа одлука нема да има никакво влијание врз вас“,
изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Во оваа смисла тој вели дека приоритет на државата во делот на визната политика со други држави не се иселеничките туку визите насочени кон развој на државата – подобра визна политика за стопанственици, научници, студенти. За овој тип на визи, повтори Муцунски, нема промена во визната политика.
„Работиме на изнаоѓање решение и нашите граѓани не треба да се грижат. Кога има предизвик, наша работа е да најдеме решение. Оставете малку на времето, на нашата комуникација и на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, па можеби и во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон земјава, односно да почнеме да затвораме прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме“,
додаде Муцунски.
Прашан дали земјава побарала објаснување од САД за ваквата одлука за визите, шефот на македонската дипломатија рече дека е дискутирано за причините, но дека е некоректно тој да ги изнесува аргументите што доаѓаат од другата страна и кои може да ги образложат само Соединетите Држави.
На прашањето дали последната одлука на САД ја доживува како дипломатски пораз, Муцунски вели:
„Истото прашање го добивав и во делот на тарифите. Кога излегоа податоците за тарифите, слушав коментари од опозицијата и од разни критичари дека сме меѓу земјите со највисоки тарифи, но потоа кога издејствувавме да бидеме помеѓу земјите со најниски тарифи и тоа преференцијални тарифи за индустрии кои на нас ни се значајни, истите тие критичари никаде не ги слушнавме Ние со САД имаме таков однос во кој сите прашања од ваков тип ги решаваме. Видовте, во делот на тарифите имаме меѓу најдобри тарифни рати не само во Европа туку и пошироко.“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го суспендира процесирањето имигрантски визи за државјаните на 75 земји, меѓу кои и Македонија. Одлуката ќе стапи во сила на 21 јануари годинава.
