Муцунски напомена дека во текот на вчерашниот ден 14 пријавени лица не се појавиле на аеродромот во Дубаи, по што амбасадата за многу краток рок контактирала со други граѓани со цел целосно искористување на капацитетот на авионот
Одлучивме, рече тој, оваа услуга да не ја наплаќаме од нашите граѓани, а причината за тоа е дека државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излегува во пресрет на граѓаните

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија спроведува операција за извлекување на македонските државјани од кризните подрачја на Блискиот Исток. Министерот Тимчо Муцунски денеска информира дека институциите работат со полн капацитет, нагласувајќи дека целта е до средината на оваа недела сите граѓани кои побарале помош да бидат безбедно вратени дома.
„Од првиот момент на ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток воспоставивме постојан кризен механизам. Преку кризен штаб и дипломатско-конзуларните претставништва бевме во 24-часовна комуникација со македонските државјани, со јасна цел – нивна безбедна, навремена и организирана евакуација“,
изјави Муцунски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека станува збор за трета сложена операција од ваков обем во последните 12 месеци, по трагедијата со пожарот во Кочани и првата ескалација на конфликтот Израел – Иран.
„Ова уште еднаш ја потврдува подготвеноста и институционалниот капацитет на државата да реагира брзо, координирано и одговорно во кризни ситуации“, истакна министерот.
Муцунски информираше дека евакуацијата од Израел е успешно реализирана за сите лица кои изразиле подготвеност да ја напуштат државата по копнен пат. Шест лица биле евакуирани со владиниот авион преку Шарм ел-Шеик, додека за шест лица дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив и Каиро асистирале во организацијата на нивното враќање со комерцијални летови. Останува уште едно лице за кое рече дека евакуацијата ќе биде реализирана веднаш штом се создадат безбедни услови.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати, министерот соопшти дека веќе е реализиран лет со 151 патник, меѓу кои имало и странски државјани – еден црногорски, два босански, еден украински, еден српски, два косовски, како и четири лица со холандски пасош.
„Во моментов во оваа земја се евидентирани уште околу 430 македонски државјани, а во текот на оваа недела од Дубаи се планирани уште два лета“,
рече Муцунски.
Муцунски напомена дека во текот на вчерашниот ден 14 пријавени лица не се појавиле на аеродромот во Дубаи по што амбасадата за многу краток рок контактирала со други граѓани со цел целосно искористување на капацитетот на авионот.
„Среќа имавме подготвено план за таква ситуација, имавме т.н. листа на чекање и нашата амбасада во Абу Даби веднаш контактираше со група граѓани што беа подготвени да дојдат. Но, тоа е неодговорен пристап бидејќи се работи за безбедноста на граѓаните“,
рече Муцунски.
Тој повтори оти сите граѓани што барале евакуација, а не ги контактирале надлежните, тоа веднаш да го направат, а доколку некој се предомисли, исто така да ги информира институциите.
Според Муцунски, во Доха се евидентирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност за евакуација, додека во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, а во Кралството Саудиска Арабија пет лица. За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што во текот на оваа недела ќе следува директен лет кон Скопје.
Целиот процес, рече Муцунски, се реализира по претходно разработен план во тесна координација со сите надлежни институции.
„Динамиката е јасна – до средината на оваа недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале извлекување“,
нагласи министерот.
Прашан по кои приоритети се евакуираат граѓаните и зошто имало странски државјани, Муцунски рече дека методологијата на определување приоритети има повеќе фактори.
„Прво се жените и малите деца, тие што биле за туризам и немаат постојан престој во земјата. Од неколку држави имавме замолница билатерално да излеземе во пресрет заради одредени специфичности поврзани со тие граѓани“,
одговори Муцунски потсетувајќи дека и земјава барала помош во одредени ситуации.
Одлучивме, рече тој, оваа услуга да не ја наплаќаме од нашите граѓани, а причината за тоа е дека државниот систем е создаден за во вакви кризни ситуации да им излегува во пресрет на граѓаните.
Муцунски на прес-конференцијата се осврна и на тоа што дел од медиумите пласирале непроверени информации и дезинформации во чувствителен момент за граѓаните.
„Ширењето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои деноноќно работат за безбедноста на граѓаните и може да го наруши меѓународниот углед на државата. Последното нешто што посаувам е институцијата што ја раководам, во моменти на криза, да биде принудена да се занимава со демантирање дезинформации“,
посочи тој.
На прашањето околу евакуацијата на македонски државјанин – фудбалер што настапувал во Иран, Муцунски ја објасни постапката што била реализирана.
„Информацијата за фудбалерот Ашковски стигна лично до мене од пријател на семејството, и тоа во момент кога тој самиот веќе имаше обезбедено логистика за да стигне до границата меѓу Иран и Турција. Потоа направивме директна комуникација меѓу Ашковски, тимот од министерството и тука се вклучи и амбасадата од Анкара, Турција. Најкомплексниот аспект од извлекувањето на Ашковски беше моментот на премин на границата од иранска на турска страна која траела неколку часа. Но, нашата амбасада во Анкара успешно си ја завршила задачата и тој безбедно преминал во Турција и веќе, колку што знам, е во Македонија“,
рече Муцунски.
Во однос на Израел, Муцунски рече дека таму имало две лица кои барале да не бидат евакуирани преку територија на Египет. Вчера за едното лице бил обезбеден авионски билет, а за другото се уште се работи на логистиката.
Министерот повтори дека Северна Македонија недвосмислено ги осудува нападите врз своите партнери и ги повика сите страни на почитување на меѓународното право.
„Ќе продолжиме да постапуваме одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побара помош не биде безбедно вратен дома“,
истакна Муцунски.
