Покрај за заедничките проекти од областа на енергетиката, одбраната и безбедноста, Муцунски изјави дека со заменик-државниот секретар на САД разговарале и за актуелните глобални предизвици што будат загриженост во целиот свет
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ја предводи македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД, изјави дека имал исклучително продуктивна средба со својот домаќин, заменик-државниот секретар на Соединетите Држави, Кристофер Лендау.

На состанокот, како што наведе Муцунски, биле потврдени одличните билатерални односи меѓу двете држави, а според шефот на дипломатијата, Ландау потврдил дека нашата држава е еден од клучните партнери на Соединетите Американски Држави, не само во во регионот туку и во Европа.
Покрај за заедничките проекти од областа на енергетиката, одбраната и безбедноста, Муцунски изјави дека со заменик-државниот секретар на САД разговарале и за актуелните глобални предизвици кои предизвикуваат загриженост во целиот свет.
„Задоволни сме од тоа за кое што се координиравме, и секако Стратешкиот дијалог продолжува и во текот на денот, фокусиран на клучните области на билатералната соработка“,
изјави шефот на македонската дипломатија.
За средбата со Лендау, Муцунски информира и преку објава на својот фејсбук-профил, наведувајќи дека втората сесија од Стратешкиот дијалог претставува важен исчекор во унапредувањето на билатералните односи меѓу Македонија и САД.
Покрај за конкретните области што Муцунски ги наведе во изјавата за телевизија Сител, во објавата тој додава дека со заменик-државниот секретар на Соединетите Држави размениле мислења и за состојбите во регионот и европската интеграција.
„Притоа беше нагласена важноста од континуираниот ангажман на САД како клучен фактор за стабилноста на Западен Балкан“,
напиша Муцунски на Фејсбук.
Муцунски ја предводи високата владина делегација на втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, која денеска беше отворена заедно со Брендан Ханрахан, висок претставник на Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија посочуваат дека Северна Македонија е прва земја од Европа која во Вашингтон реализира сесија на Стратешкиот дијалог во мандатот на оваа администрација и оти Стратешкиот дијалог во Вашингтон претставува важна платформа за унапредување на билатералната соработка во клучни области и потврда за долгогодишното сојузништво и силното стратешко партнерство меѓу двете земји.
„Со оваа нова сесија на Стратешкиот дијалог, Северна Македонија и САД, внесуваат нов импулс за натамошно продлабочување и надградба на билатералното партнерство, преку дефинирање јасен патоказ за соработката во периодот што следи. Водени од принципите на заемна корист, предвидливост и долгорочна визија, како и заедничка посветеност кон поширокиот регионален просперитет, разговорите меѓу двете високи делегации беа фокусирани на теми од областа на одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашања од глобален и регионален контекст“,
се наведува во соопштението од Министерството.
