Министерот Муцунски го осудил отворениот ирански напад насочен кон територијата на Катар, оценувајќи го како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево телефонски разговарал и со државниот министер за надворешни работи на Државата Катар, Султан бин Саад Ал Мураихи, соопштија од ресорното министерство.
Отатаму велат дека министерот Муцунски го осудил отворениот ирански напад насочен кон територијата на Катар, оценувајќи го како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет.
„Тој изрази цврста солидарност и целосна поддршка кон Катар, потврдувајќи ја поддршката за мерките и одлуките преземени со цел заштита на безбедноста и стабилноста на државата. Министерот Муцунски нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии неопходни се воздржаност, одговорност и засилен дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на мирот и стабилноста во регионот“,
се вели во соопштението.
Претходно денеска, Муцунски телефонски изрази поддршка и на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
По вчерашниот координиран напад врз Иран од страна на САД и Израел, Муцунски порача дека Северна Македонија стои зад потезите на стратешкиот партнер САД.
