Говорејќи за европската перспектива на земјата, Муцунски ги потсети присутните на Делфи економскиот самит во Грција дека оваа година се навршуваат 20 години од кандидатскиот статус, а сè уште не се почнати преговорите, истакнувајќи дека „сме жртва на билатерални критериуми одново и одново“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека проширувањето на Европската унија на Западен Балкан не е неопходност за Унијата само од економски и трговски причини, туку е неопходност за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент.
Муцунски, кој учествува на Делфи економскиот самит во Грција, говореше за ЕУ перспективата на земјава, за односите со САД и за трансатлантската соработка, додека пак неговото обраќање го започна со благодарност до Грција и грчкиот народ за помошта за нашата земја по трагичниот пожар во Кочани, заблагодарување што со аплауз беше поздравено од присутните.
Муцунски истакна дека „животите на неколку лица беа директно спасени од грчките доктори“ и се осврна на неговата посета на болниците во Солун, каде што се хоспитализирани петмина повредени.
„Она што можам да го кажам е дека искрената солидарност што ја покажавте, како од Владата така и од луѓето и од медицинските професионалци е нешто што ќе остане засекогаш во сеќавањето на мојот народ и ви благодарам за тоа“,
рече министерот, јави дописничката на МИА од Атина.
Панел-дискусијата беше на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“, а шефот на дипломатијата рече дека САД се огромен инвеститор и на политичка и на безбедносна, но и на економска стабилноста во регионот.
Тој, како што пренесува МИА, детално говорел за заканите и ризиците што доаѓаат од Кина, Русија, Северна Кореа, Иран за регионот.
„Опасноста од интеракција меѓу Кина, Русија, Иран и Северна Кореја е нешто што не сме го сфатиле доволно сериозно и тоа го велам и од политичка, безбедносна, но и од економска и трговска перспектива. Овие земји, од американската влада, би рекол дека се гледаат како стратешка конкуренција и стратешка закана“,
рече министерот и додаде дека во Европа постојат различни пристапи и на тоа како на пример се гледа кон Кина.

Во однос на НАТО, тој рече дека го менува својот пристап за многу работи и „се менува за да стане посилна алијанса, а не послаба Алијанса“, истакнувајќи дека САД инвестира во стабилноста, но секоја од земјите треба да покаже одговорност и да ги идентификува заканите и од европска, и од регионална и од глобална перспектива.
Говорејќи за европската перспектива на земјата, Муцунски ги потсети присутните дека оваа година се навршуваат 20 години од кандидатскиот статус, а сè уште не се почнати преговорите, истакнувајќи дека „сме жртва на билатерални критериуми одново и одново“.
Тој истакна дека ЕУ дозволува да постои вакуум на Западен Балкан, а тоа е поради „јазот помеѓу обврските и испораката односно меѓу ветувањата што ги има дадено во нашиот регион и недостатокот на испорака“, со што според министерот, дозволува влијание на одредени актери како што се Русија и Кина.
„Пораката што ја испраќаме до Брисел и до земјите членки е дека е неопходно да се најде опиплив пат за Западен Балкан да оди напред и начин да се затвори јазот помеѓу обврските, многуте прозорци на можност што ни беа ветени во минатото, фраза што често се употребува, сега е можноста, сега е моментумот, но испораката од Европската Унија секогаш недостигаше. Од оваа перспектива, она што би можел да го кажам е дека еден од најсилните опипливи поддржувачи на проширувањето на Европската унија отсекогаш биле Соединетите Американски Држави и е нешто што треба да го имаме предвид. Да, САД не се членки на ЕУ, но САД имаат интерес во стабилноста на регионот“,
додаде Муцунски.
Денеска Муцунски информираше дека остварил средба со неговиот колега, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на маргините на „Делфи економскиот форум“ во Грција.
Информацијата за средбата ја сподели Муцунски на својот фејсбук-профил, објавувајќи и фотографија од разговорот со Герапетритис.
Двајцата, како што вели Муцунски, ја нагласиле и заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка, преку политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инсфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
Инаку, Муцунски денеска и утре учествува на 10. издание на „Делфи економскиот форум“, што оваа година се одржува од 9 до 12 април во градот Делфи во Грција.