Министерот за надворешни работи се заблагодари за понудената поддршка, како и за покажаната солидарност од пријателите на земјава во моментите на трагедија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информира дека од утринава телефонски разговарал со свои колеги од повеќе држави кои изразиле сочувство за несреќата во Кочани и ги понудиле својата помош, поддршка и капацитети на располагање на нашата држава.

„Веќе сме во координација и комуникација со нашите соседи и меѓународни партнери за обезбедување соодветна помош, согласно потребите на пациентите и проценките на стручните медицински лица“,
информира Муцунски.
Министерот се заблагодари за понудената поддршка, како и за покажаната солидарност од пријателите на земјава во моментите на трагедија и додаде дека МНР со сите свои капацитети е на располагање за секоја неопходна поддршка и помош, во координација со надлежните институции.
„Тежок и тажен ден за државата. Нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите им изразувам најдлабоко сочувство и сила да ја издржат оваа незамислива загуба“,
пишува Муцунски во објава на Фејсбук.
Во меѓувреме, од МНР информираа дека во врска со несреќата во Кочани е формиран кризен штаб кој редовно ја следи состојбата и се координира со надлежните институции.