„Изразив подготвеност нашата држава да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во нашите здравствени установи“, вели министерот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера попладне информира дека по трагичната несреќа што се случи за време на новогодишната ноќ во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран -Монтана остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.

Во разговорот со него, Муцунски изрази сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, а на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.
На амбасадорот му порача и дека државата ѝ стои на располагање на Швајцарија во справувањето со оваа трагедија.
„Изразив подготвеност нашата држава да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во нашите здравствени установи. Дополнително, доколку има потреба, подготвени сме и македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да помогнат во процесот на лекување“,
напиша Муцунски на својот фејсбук-профил.
Од Министерството за здравство соопштија дека се разгледуваат можностите и расположливите капацитети за да ѝ се обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија, во делот на медицинското згрижување на повредените од пожарот во Кран-Монтана.
Оттаму соопштија и дека веќе е воспоставен канал за комуникација со здравствените власти во Швајцарија.
Швајцарската полиција наведе дека во пожарот загинале околу 40 лица, а 115 сее повредени. Медиумите, пак, објавија дека повеќето од гостите во барот биле на возраст од 15 до 20 години. Меѓу загинатите има луѓе од различни националности, кои, како што наведуваат официјалните лица, ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Поврзани вести:
- Македонската амбасада во Швајцарија отвори телефонска линија за трагичната несреќа во Кран-Монтана
- Македонец исчезнат по пожарот во Швајцарија, семејството апелира за помош
- Во пожарот во Швајцарија загинаа околу 40 лица, можна причина за пожарот се свеќи поставени блиску до дрвен плафон
- (ВИДЕО) Најмалку 10 мртви, многу повредени во експлозија во познат швајцарски скијачки центар
- Швајцарија прогласи петдневна жалост за жртвите во пожарот во Кран-Монтана
