Претседателот на Европскиот совет завчера во Софија на заедничкиот брифинг со бугарскиот премиер Росен Жељазков рече дека земјава мора да ги исполни обврските договорени во 2022 година, но, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ги разбира позициите на Скопје и оти смета дека е разумно на С Македонија да ѝ се дадат гаранции дека нема да има нови барања на патот кон Европската Унија
Интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) останува врвен приоритет на надворешната политика на земјава и Владата остануваат на ставот дека тој процес мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми. Ова е ставот на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој доаѓа по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дадена во Софија, а во која тој рече оти е разумно дека на С Македонија треба да ѝ се гарантира дека по уставните измени нема да има други барања на нејзиниот пат кон Европската Унија.

Според Муцунски, евроинтегративниот процес мора да се гради во духот на европските вредности, односно со доверба, поддршка и заемно почитување, притоа посочувајќи дека земјава веќе покажала дека е кредибилен и доверлив партнер на ЕУ.
„И покрај застојот во отпочнувњето на пристапните преговори, предизвикан од билатерални спорови, евроинтеграцијата останува врвен приоритет на нашата надворешна политика. Македонија веќе покажа дека е кредибилен и доверлив партнер на Унијата – целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика, прва во регионот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, и држава која активно придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко. На крајот потестуваме дека – во духот на европските вредности – довербата, поддршката и заемното почитување мора да останат темел врз кој ќе се гради евроинтегративниот процес“,
вели Муцунски во изјава за ТВ Сител.
Ставот на Муцунски доаѓа по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дадена завчера во Софија на заедничкиот брифинг со бугарскиот премиер, Росен Жељазков. Кошта рече дека земјава мора да ги исполни обврските договорени во 2022 година, но, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ги разбира позициите на Скопје и оти смета дека е разумно на С Македонија да ѝ се дадат гаранции дека нема да има нови барања на патот кон Европската Унија.
„Тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите, конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа“,
рече претседателот на Европскиот совет.

Кошта во таа насока рече дека е лично вклучен во овој процес и оти очекува да има напредок по завршувањето на локалните избори во С Македонија.
„Ги посетив и Бугарија и Северна Македонија. Разговарав многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски. И верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес. Северна Македонија долго време работи на овој процес“,
кажа тој.
Како и Кошта, и бугарскиот премиер Росен Жељазков рече дека земјава треба да го спроведе договореното од јули 2022 година, како и дека Софија досега повеќе пати ја потврдила својата позиција дека нема да поставува други барања за обврски што треба да ги исполни С Македонија.