„Секогаш ќе има дијалог и секогаш ќе работиме, но ќе повторам нешто што исто така сум го кажал повеќепати, не решение по секој цена и не решение коешто дополнително ќе биде ризик и камен на сопнување како ова решение од 2022 година, што сега на дело се докажува дека е решение кое што создава дополнителни проблеми меѓу државите наместо да биде чекор напред“, изјави денеска шефот на македонската дипломатија прашан за коментар на пораката што вчера во Скопје ја испрати претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта
Планот А е полноправно членство на нашата земја во Европската Унија и од тој план државата нема да скршне дури е предводена од оваа влада во која јас сум член, изјави денеска шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Но, концесии коишто нè ставаат во ситуација повторно да се враќаме во оваа состојба во која што сме сега, министерот рече дека како влада нема да прифатат.

Тој ова го кажа на денешната заедничка прес-конференција со својата австриска колешка Беате Мајнл-Рајсингер, која е во посета на Скопје, а прашан дали Владата има некаква идеја за надминување на ќор-сокакот во спорот со Бугарија, особено по вчерашната порака од претседателот Советот на ЕУ, Антонио Кошта, дека во делот со Софија не е можен план Б дека треба да се фокусираме на планот А.
„Она што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се реализира, нема простор за нови барања“, рече вчера Кошта во Скопје.
„Значи нема никаква дилема околу нашата посветеност на европскиот пат. Како ние тоа го докажуваме? Прва земја сме во регионот којашто потпиша партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, нешто што сега во актуелниот контекст се покажа како многу значајно. Тоа го направивме пред неколку месеци. Земја лидер согласно став на високи претставници на Европската унија во делот на имплементација на Реформската агенда којашто е интегрален дел од Планот за раст. Значи ние на дело покажуваме дека план А е полноправно членство во Европската Унија“,
рече Муцунски.
Но, како што додаде тој, земјава од Европската Унија очекува предвидливост на процесот на пристапување, односно, како што рече Муцунски, билатералните прашања да останат билатерални
„Ние комуницираме и со претставниците на Европската Унија, ние комуницираме постојано и со земјите членки, комуницираме постојано и со претставници од Бугарија, некои средби се формални, некои се неформални, често во заеднички контекст се среќаваме и бараме решение кое што ќе ни обезбеди предвидливост напред кон членството, почитта за нашето достоинство и идентитет, очекување и дека земјите членки на Европската Унија ќе ги почитуваат оние принципи коишто се поврзани со малцински права коишто очекуваат и од нас да ги почитуваме“,
кажа тој.
И во тој контекст, вели шефот на дипломатијата, доколку сите сме посветени на европскиот пат секогаш ќе може да се најде рационално решение коешто ќе биде прифатливо не само за нас како Влада туку и на сите граѓани коишто живеат во државата.
„Но концесии коишто ќе не стават во ситуација повторно за брзо време да се враќаме во оваа состојба во којашто сме сега, како влада не сме подготвени да прифатиме и мислам дека нашата позиција по однос на тоа прашање е кристално јасно. И не треба тука ниту граѓаните да имаат дилема, ниту вие како медиуми. А дали ние како и влада конкретно работиме на дело за полноправното членство кажав неколку примери како го правиме и дали работиме за изнаоѓање решение, секогаш ќе има дијалог и секогаш ќе работиме, но ќе повторам нешто што исто така сум го кажал повеќе пати, не решение по секој цена и решение коешто дополнително ќе биде ризик и камен на сопнување како ова решение од 2022 година, што сега на дело се докажува дека е решение кое што создава дополнителни проблеми меѓу државите наместо да биде чекор напред“,
изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија.