Во своето обраќање пред хрватските дипломати, Муцунски нагласил дека пријателството меѓу Северна Македонија и Хрватска е одличен пример за тоа што може да се постигне кога народите работат заедно со дух на соработка и меѓусебно почитување
Предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ не е само процедурална работа – таа е камен-темелник на нашата стабилност и напредок. На нашите граѓани им дава надеж и чувство за насока, ги мотивира нашите реформи и ги закотвува нашите аспирации во поширокото европско семејство.
Ова е дел од обраќањето на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на посебната сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде што се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа – локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.
Од министерството соопштуваат дека работната посета на Муцунски во Загреб е на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.
„Како земја која последна успешно го помина патот кон членство во ЕУ, хрватското искуство и застапување во име на Западен Балкан се апсолутно клучни. Успешната хрватска приказна е инспирација за сите нас и потсетување дека со истрајност, единство и стратешка визија, членството во ЕУ сè уште е достапно“,
рекол Муцунски додавајќи дека поддршката од Хрватска е непроценлива.
Според него, во овие турбулентни времиња, каде што глобалните тензии и регионалните предизвици се постојано присутни, посветеноста на ЕУ за проширување мора да биде неуморна.
„Не се работи само за исполнување на дадените ветувања; станува збор за препознавање на стратешката важност на интегрирањето на Западен Балкан во обединета, безбедна и просперитетна Европа. Тоа е и стратешка неопходност и историска можност“,
истакнал министерот.
Во своето обраќање пред хрватските дипломати, Муцунски нагласил дека пријателството меѓу Северна Македонија и Хрватска е одличен пример за тоа што може да се постигне кога народите работат заедно со дух на соработка и меѓусебно почитување.
„Нашата заедничка историја и аспирации поставија цврста основа за партнерство кое не само што им користи на нашите две земји, туку придонесува и за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Нашите билатерални односи се доказ за моќта на дипломатијата, покажувајќи како дијалогот и соработката можат да ги трансформираат предизвиците во можности. Во овие брзо променливи и сè понестабилни времиња, потребни се висока будност, стратешко размислување и проактивен ангажман во партнерство со што е можно повеќе земји истомисленици. Тие бараат целосно искористување на нашиот надворешнополитички потенцијал, почнувајќи од традиционалната дипломатија до трговијата, хуманитарната помош и инвестициите“,
додал Муцунски.
На средбата со хрватскиот министер за надворешни работи, се додава во соопштението од македонското министерство, двајцата министри ги поздравиле одличните билатерални односи со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заеднички интерес, НАТО-сојузништво и пријателство кое се негува во изминатите 32 години, а Муцунски се заблагодарил за континуираната поддршка на Хрватска во процесот на нашето ЕУ-интегрирање, што има значење за развојот на регионот и за стабилноста на Европа.
Во оваа насока, министерот Радман ја потврди хрватската позиција за поддршка на ЕУ-проширувањето и реформскиот процес на нашата земја, со цел побрзо интегрирање во Унијата. Муцунски и Радман разменија мислења и ставови околу актуелните регионални и глобални предизвици, со цел поголема координација и засилена соработка на тој план.
Посебен фокус во разговорите на Муцунски со хрватскиот колега бил ставен на економската соработка, при што биле разгледани можностите за нејзино интензивирање. Муцунски ја искористил пригодата да информира за новата надлежност на Министерството кое го предводи, и во таа смисла ja нагласил потребата од зајакнување на економските и надворешнотрговските потенцијали за соработка.
Во рамки на работната посета, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре како член на државната делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе се вклучи во програмата на неговата прва официјална посета на Република Хрватска, која се реализира на покана на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Двајцата премиери се очекува да усвојат Заедничка изјава со која ќе се потврди европската иднина на земјата и заемната волја за натамошно интензивирање на билатералната соработка.