Како што соопшти МНР, Муцунски на состанокот во Тирана присуствува на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, а на него се и министрите од Италија, Бугарија и Романија
Актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридорот 8, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација биле во фокусот на разговорите на министерскиот состанок „Коридор 8 во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“ во Тирана, на кој учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираа од неговата прес-служба.

Како што соопшти МНР, Муцунски на состанокот присуствува на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија Елиса Спиропали, а на него се и министрите од Италија, Бугарија и Романија.
Состанокот се реализирал како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи на 27 јули 2023 година, а на него министрите констатирале дека постои заедничко разбирање оти Коридор 8 треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. На состанокот, како што додаваат од МНР, било нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор 8 да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
„Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година“,
се вели во соопштението на МНР.
Дополнително, била истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент бил ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласиле дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација вдолж целата траса на Коридор 8.
