Дополнително, како што објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир биле дефинирани и чекорите кон потпишувањето на Договорот за слободна трговија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е во работна посета на Вашингтон, информира дека е постигнат конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите што ги воведоа САД.
Муцунски оваа информација ја сподели на својот фејсбук-профил, по средбата со Џејмисон Грир – трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Дополнително, како што објави министерот, на средбата со американскиот трговски претставник биле дефинирани и чекорите кон потпишувањето на Договорот за слободна трговија.
„Средбата беше фокусирана на унапредување на билатералната трговска размена и отворање нови можности за економска соработка меѓу Северна Македонија и САД. Важно е да истакнам дека постигнавме конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите, како и во дефинирањето на следните чекори кон потпишување Договор за слободна трговија“,
информира Муцунски во објава на својот фејсбук-профил.
За време на средбата министерот ги претставил и економските политики на македонската влада.
За намалување на тарифите што САД ги воведоа кон земјава Муцунски вчера разговарал и со американскиот државен секретар Марко Рубио.