Тој нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД
Секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со геостратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави, има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот, порача денеска од Будимпешта, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање каква е нашата позиција во однос на тоа дека единствен начин да се стави мирен крај на војната во Украина се разговорите меѓу Америка и Русија, Муцунски посочи на Резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите Нации која повикува на мир.

„Во последните години сите зборуваме за почитување на меѓународното право и неговите принципи. Сега имаме правно-обврзувачка резолуција да бараме мир. Секој што мисли дека изнаоѓање на решение на таков тип на војна и конфликт, со такви геостратешки импликации, секој што мисли дека тоа може да се оствари без Соединетите Американски Држави, има несериозен и неискрен пристап кон овој конфликт“,
рече Муцунски на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот колега Питер Сијарто.
Тој нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД.
Тој нагласи дека секоја одлука што ќе ја носиме ќе биде во рамките на овие три постулати земајќи го предвид нашиот национален интерес, во консултација со сите наши клучни стратешки партнери.
Унгарскиот министер за надворешни работи уште еднаш ја потенцираше поддршката што Унгарија ѝ ја дава на Македонија за зачленување во ЕУ, но исто така нагласи и дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.
„Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД“,
рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта.

Тој обвини дека голем број држави лицемерно се однесуваат и дека тоа придонесува за уривање на довербата на земјите од Западен Балкан.
„Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа. Овој принцип треба да се применува кон сите. Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја-членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор“,
рече шефот на унгарската дипломатија.