„Нашите позиции се добро познати. Позиции што беа јавно експонирани во текот на изборната кампања. Врз основа на таквите позиции, секако сметаме дека треба да дискутираме не само со Бугарија туку и со сите наши соседи со коишто имаме отворени прашања“, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски
Процесот на интеграција на нашата земја кон полноправно членство во Европската Унија колку е од наш интерес, еднакво е од интерес и за сите наши соседи. Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој додаде дека има начин како да се обезбеди сигурност дека понатамошниот пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми.
Прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, Муцунски рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година и оти очекува дека што побрзо ќе се формира политичка влада со која, како што рече, ќе можеме да дискутираме за да отвориме дијалог на повеќе нивоа.
„Нашите позиции се добро познати. Позиции што беа јавно експонирани во текот на изборната кампања. Врз основа на таквите позиции, секако сметаме дека треба да дискутираме не само со Бугарија туку и со сите наши соседи со коишто имаме отворени прашања“,
изјави Муцунски.
Муцунски смета дека со проактивен пристап, отвореност и со добра верба, земајќи ги предвид и глобалните предизвици, нема прашање што не може да се надмине.
Прашан дали очекува нова Преговарачка рамка, Муцунски рече оти државата треба да се осигури дека процесите што ќе ги водиме во иднината ќе бидат предвидливи и дека тоа е значајно како за нас, така и за Европската Унија.
„Секоја дополнителна билатерализација на процесот на европска интеграција го урива легитимитетот на процесот на проширување на ЕУ. Ние велиме – доколку се чувствуваме сигурни дека патот понатаму може да се остварува врз основа на опипливи и мерливи критериуми, а коишто произлегуваат од европските стандарди, тогаш имаме простор да дискутираме за тоа како да го движиме патот. Има начин како да се обезбеди сигурност за нашата држава дека понатамошниот пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми“,
рече Муцунски.
Министерот Муцунски денеска присуствуваше на отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик при УКИМ во Охрид.