Македонија нема национална стратегија за отворените прашања со Бугарија, а очигледна е и промената во реториката на власта за овој проблем, вели меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во интервју за ТВ24. Според него, забелешките на Бугарија се резултат на дипломатската пракса која ја воспоставила актуелната Влада во последните три години.
„Имаше промена на реториката од тоа дека изјавата на Бугарија не го претставувала ставот на ЕУ во целост, за после да ја сменат реториката во „ќе се најде компромис“. Ако немаше проблем, тогаш зошто ќе се бара компромис? Жалам што имаме една влада која создаде пракса на надоврешно политичко однесување кое и дозволува на бугарската страна вака да се постави. Проблем е што нема план и стратегија како да се пристапи по ова прашање. Проблем е што ќе се бара консензус по секоја цена на штета на националните интереси“,
изјави Муцински.
На прашањето дали Бугарија би имала поддршка од други држави за евентуална блокада на евроинтеграциите со нерационални барања, Муцунски вели дека судејќи според историјата, не би се водел по претпоставки, повторно посочувајќи дека неопходни се „црвени линии“ и национален консензус за отворените прашања.
„Најнерационално прашање во меѓународното право е прашањето за името. Глобалната политичка елита вршеше притисок на Грција но не успеа. Ако судам според историјата треба да направиме национална стратегија, бидејќи се е на база на претпоставки. Членството во ЕУ не смееме да го водиме по претпоставки и да се надеваме дека Бугарија ќе потпадне под некои притисоци. Тоа е цел пакет на отворени проблеми. Националната стратегија би требала да се изгради на начин на којшто би се поканиле сите засегнати страни, МАНУ ако се разбуди од зимскиот сон и слично. За после тоа кога ќе се користат дипломатските алатки да се знае кој е националнот став. Сите политички чинители да знаат што е нашата цел. Ние не сме смееле да дојдеме до ваква ситуација, но и тоа може да се поправи со национален консензус “, вели Муцински.
Според Муцунски грешки се направени и во структурата на самиот договор со Бугарија, а за отворените прашања вели дека не смее да се води попустлива политика.
„Фактот што сме дозволиле да преговараме за историја, за национално малцинство на пример, тоа е грешка и грешката е веќе направена. Прашањата за историјата може да се решат низ призмата на науката.. Но, проблемот е што таа историска експертска емисија гледаме дека нема желба да се постават барем некакви национални црвени линии кои не сме подготвени по никоја цена да ги преминеме. Не можам да разберам како би си дозволиле темата за Гоце Делчев да биде дел од процесот на преговори, а како да гледам меко попуштање дека сме подготвени да го дозволиме тоа“,
вели Муцунски.