„Во овој момент нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе било каков чекор кон спроведувањето на уставните измени“, изјави шефот на македонската дипломатија за време на заедничката прес-конференција со генсекот на Советот на Европа, Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјава
Македонија не е подготвена за уставни измени. Има недостиг на доверба и кредибилитет во однос на испораката кон нас како држава, така што во овој момент нема услови за уставни измени и Владата не е подготвена да преземе било каков чекор кон спроведувањето на уставните измени.

Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјава.
Настрана уставните измени, шефот на дипломатијата рече дека Северна Македонија презема конкретни мерки поврзани со нејзината европска перспектива.
„Првото е тоа што го правиме во однос на Реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е тоа што го правиме за имплементација на европските вредности. И на крајот на денот, за објективната посветеност на земјата кон европските вредности, кои се некогаш дури и поширок контекст од примената на заедничката надворешна и безбедносна политика“,
изјави Муцунски на заедничката прес-конференција со генсекот на Советот на Европа, Ален Берсе.
Во контекст на односите со Бугарија, министерот вели дека земјава секогаш била подготвена за дијалог, а подготвена е и сега. Недостиг на волја за таков дијалог, според него, имало од соседна Бугарија, односно од страна на една од претходните политички влади во земјата.
„Јас се надевам дека има свест во Софија дека европската перспектива за нашата држава е значајна за целиот регион. И да нема таква свест и да не се развие таква свест, тоа не значи дека ние размислуваме за некоја алтернатива, но ние ќе продолжиме на патот на реформите, ќе продолжиме на патот на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и ќе продолжиме да ги споделуваме тие европски вредности во кои огромно мнозинство на нашите граѓани веруваат“,
изјави Муцунски нагласувајќи дека во овој контекст земјава не е подготвена за уставни измени.
