Во врска со изјавите на Таравари дека не бил задоволен од работата на Владата, особено во делот на евроинтеграциите, шефот на дипломатијата посочи дека често комуницирале со министерот за здравство и тој ниту еднаш не се пожалил

Владата е стабилна и посветено работи на реформи, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, откако владиниот партнер Арбер Таравари од Алијанса за Албанците, кој е министер за здравство, соопшти дека заминува во опозиција.
Тој вечерва во интервју за Сител порача дека Таравари не може да соработува со ВМРО-ДПМНЕ, штом одлучил да соработува со ДУИ.
„Јас и претходно кажав, доколку Таравари одлучи да соработува со ДУИ, не може да соработува и со ВМРО-ДПМНЕ. Ние како политички субјект не сме подготвени да соработуваме со некој кој има за цел да дејствува политички во координација со ДУИ, барем додека оваа партија не се реформира, а во моментов ДУИ е далеку од реформи и е виновникот за голем дел од нарушените позиции во надворешната политика, бидејќи заради вршење на одредени кирминални активности, се воделе политики на попуштање со очекување дека некој заради тоа ќе гледа во друг правец додека се правел криминал во државата. И на тој начин некој што ги нарушувал стратешките позиции на државата, некој што си дозволил да води таква безобразна и бахата политика, не може да биде партнер со ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Муцунски.
Во врска со изјавите на Таравари дека не бил задоволен од работата на Владата, особено во делот на евроинтеграциите, шефот на дипломатијата посочи дека често комуницирале со министерот за здравство и тој ниту еднаш не се пожалил.
„Слушнав некои изјави на Таравари дека не бил задоволен како се работело во Владата, во делот на европската интеграција, но искрено, често сме комуницирале и тој никогаш не се пожалил и не кажал дека е разочаран како се води надворешната политика на државата, така што отворени треба да бидеме, кога нешто сметате дека е несоодветно и не се прави како што треба, тоа треба да го искомуницирате. Не е само политичкиот пи-ар. Ние сме искрено посветени на реформите насочени кон подобра иднина на државата“,
истакна Муцунски.
Тој изјави дека ќе нема реконструкција на Владата но, како што најави, треба да се чека крајниот резултат. Муцунски исто така рече дека досега не било дискутирано кој ќе го замени Таравари и најави дека парламентарното мнозинство ќе се проширува, односно, дека ВЛЕН нема да остане само со девет пратеници.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница го овластила лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците.