Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговараше на прашања за најавените, а досега неконкретизирани инвестиции од Обединетите Арапски Емирати

360°: Вие неодамна повторно бевте во посета на Обединетите Арапски Емирати. Се сретнавте со министерот за надворешна трговија. По претходната посета во април годинава – посета при којашто македонската делегација ја предводеше премиерот – тој најави можни инвестиции од оваа држава. Меѓу другото, рече дека инвеститор од Обединетите Арапски Емирати би градел на локација близу касарната „Илинден“ во Скопје и дека, ќе го цитирам: „тоа ќе биде лендмарк не само за Скопје и Македонија, туку и за регионот“. Зошто ништо не слушнавме на оваа тема во меѓувреме?
Па нашата цел е со Обединетите Арапски Емирати да изградиме едно многу специфично и посебно партнерство. Прво, тоа е држава којашто има сериозна традиција во успешни капитални проекти надвор од нејзините граници. Држава со којашто јас би рекол и од стратешка гледна точка делиме многу исти ставови. Јас тоа што би можел да го кажам и во рамките на моето работење е: во моментот со Обединетите Арапски Емирати дискутираме и имаме веќе активен дијалог помеѓу нашата институција и нивното Министерство за надворешни работи, за два договори. Првиот е договор за стратешко партнерство којшто ќе ги олесни меѓусебните инвестиции – тоа не би олеснило само инвестиции од таа држава кај нас, туку и наши потенцијални инвестиции таму. А втор договор за којшто дискутираме е договорот за слободна трговија. Тоа не се договори коишто се лесни да се усогласат, бараат време. И клучен предуслов за реализација на дел од тие инвестиции коишто ги најави и премиерот, а за коишто има јас би ви кажал огромен интерес (и тоа не само за инвестиции во Скопје, туку и за други градови во државата), тука би се воздржал од дополнителен коментар. Конкретен е интересот, финансирањето е, може многу ефикасно да се обезбеди од нивна страна, широко е портфолиото на интерес… Ова е еден од тие проекти, но има и други проекти за коишто има интерес. Но, би рекол во моментот товарот за реализација на сите овие проекти лежи во институцијата во којашто ние се наоѓаме во моментот. Така што, јас ќе се обидам, бидејќи гледам дека во детали ги следите роковите кога ги ветуваме работите, и така треба да биде, тоа е ваша работа како медиум, би ви рекол дека ние како институција, заедно со претседателот на Владата, заедно со другите институции во државата коишто се вклучени во овие процеси, меѓу другото максимално фокусирано работиме и на овој потенцијален договорен аранжман со Обединетите Арапски Емирати.
вели Муцунски.
360°: Се спомнуваа инвестиции, и тоа повторно лично од премиерот, и во Охрид, изградба на Чебрен, Попова Шапка… Премиерот во еден момент јавно рече дека е подготвен дури и да ја плати политичката цена за критиките што би стигнале до него дека „ја продал Македонија на Арапите“. Но, од денешна перспектива – дали Владата прелесно вели „оп“ без да скокне?
Владата е амбициозна. И Владата, за разлика од претходниците наши, работи за подобар стандард на граѓаните. И тоа по мене е ноторен факт. Владата има и конкретен успех по огромен број на проекти, посебно во делот на привлекување на странски директни инвестиции, на обезбедување на подобри услови и за нашите инвеститори надвор од државата и Владата ќе продолжи максимално фокусирано да работи на реализација на овие проекти.
додаде Муцунски.

360°: Се сеќавате на вашите критики за најавите на Зоран Заев како премиер дека „Гугл“ и „Фејсбук“ ќе дојдат во Македонија? Еве сега, овие најави се дадени пред половина година: лендмарк, Охрид, Шапка, Чебрен… како прелесно да се ветуваат работите.
Прво, јас сум убеден дека со Обединетите Арапски Емирати ќе има конкретна соработка. Второ, тоа што би можел да ви го кажам е дека ваков тип, не само на држави туку корпорации од ваквите држави, не носат одлука денес да инвестираат утре. Тоа е сложен процес на носење на конкретна одлука за инвестиции. Примерот којшто вие го давате е Влада којашто некаде на почетокот на својот мандат ги вети Гугл и Фејсбук. Помина мандатот од 7-8 години, не ги видовме Гугл и Фејсбук. Ова е пример на Влада, добро кажавте вие, којашто пред 6 месеци најавила конкретна соработка со Обединетите Арапски Емирати. Веројатно ако после 5-6 години не успееме да го реализираме сето ова што вие го цитирате, ќе трпиме критиката. Но, сега мора да се остави време за да се реализираат овие проекти. А ќе кажам, најголема потврда за сето ова што го правиме ние е моето присуство пред околу десетина дена во Обединетите Арапски Емирати, каде што покрај тоа што имав средба со министерот за надворешна трговија, бев првиот министер за надворешни работи којшто во 16-17 години на постоење на еден од најпознатите светски форуми во делот на политиката, форум од затворен формат, бев првиот министер за надворешни работи поканет да учествува на тој форум, каде што домаќин ни беше Шеикот Абдула, министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати. Што значи има интерес, работиме на конкретна реализација. Но, тоа што би можел да ви кажам е дека 6 месеци за ваков обем на проекти, за да можеме и да ја видиме реализацијата, е прекраток период… Но, на пример, политичкиот гест во однос на оваа билатерална соработка веднаш се виде. По враќањето од Обединетите Арапски Емирати видовме ослободување од визи за сите наши граѓани. Значи, желбата постои од двете страни, сега треба да си ја сработиме домашната задача. А во однос на вашето прашање, ако за 5-6 години нема ништо, а сме ветувале, тогаш да, ја прифаќам потенцијално критиката.
изјави Муцунски.
