„Но, по добивањето на агреман и отпочнување на внатрешните процедури во државата имињата ќе се потврдат бидејќи истите ќе мора да ги одбранат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието“, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, одговарајќи на новинарски прашања
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска потврди дека седницата на Владата, одржана во вторникот, предложил повеќе имиња за пополнување на местата во повеќе дипломатско-конзуларни претставништва. Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис-форум, Муцунски во тој контекст кажа и дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството, со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години.

Сепак, тој не ги откри нивните имиња бидејќи, како што кажа, оваа информација е од класифицирана природа.
„Но, по добивањето на агреман и отпочнување на внатрешните процедури во државата имињата ќе се потврдат бидејќи истите ќе мора да ги одбранат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието“,
изјави Муцунски.
Како што посочи тој, процесот на именување и пополнување на местата на шефовите на дипломатско-конзуларни претставништва (ДПК) согласно Законот за надворешни работи го координира тој, како шеф на дипломатијата, но, целокупниот процес значи и координација со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијaн Мицкоски.
„Значи по остварена таква координација со претседателката на државата и претседателот на Владата на последната седница на Влада можам да потврдам точно е, предложив како министер за надворешни работи и надворешна трговија повеќе имиња за пополнување на повеќе места на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва. Тоа што можам да го потврдам е дека на 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години“,
кажа шефот на македонската дипломатија.
Тоа што 60 проценти од кандидатите се професионални дипломати, нагласи Муцунски, се должи на измените и дополнувањата на на Законот за надворешни работи што биле заложба на актуелната Влада, за разлика од претходните кои само декларативно зборувале за потребата од професионализација на дипломатската служба.
„Сакам да ја потсетам македонската јавност дека повеќе од 20 години голем дел од моите претходници зборуваа за потребата од професионализација на дипломатската, но оваа влада е првата којашто направи конкретен исчекор во таа насока. Ние го сменивме Законот за надворешни работи, да најмалку 50 проценти од шефовите на ДКП бидат амбасадори од професионалниот состав на Министерството за надворешни работи, а во пракса одиме да бидат со 60 проценти и тоа се гледа по последната група именувања“,
рече тој.
Владата на седницата во вторникот, како што објавија дел од медиумите, одобрила список од деветмина нови амбасадори и двајца генерални конзули – во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО и Софија, како и генерални конзули во Солун и во Мелбурн.

За амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, додека поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани заминува за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел.
Поранешниот амбасадор во Украина, Крум Ефремов, е предложен за амбасадор во Софија, во Романија е предложен Габриел Атанасов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а за амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска.
Линда Салиеска-Иљазоска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е предложена за позицијата амбасадорка во Хаг, додека Илина Мангова, која доаѓа од невладиниот сектор, е предложена за амбасадорка во Лондон.
Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур. На листата исто така се споменуваат и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата кадар од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од претходно, познати се имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген. И тие чекаат за одбрана на своите тези во Собранието.
По комплетирањето на сите процедури, бројот на дипломати испратени во мандатот на Муцунски ќе достигне 18.
