Тој изборите ги оцени како мирни и успешни, „кои ги задоволуваат највисоките критериуми за демократски изборен процес“

На прагот сме на голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Ќе победиме во најголем дел од општините, изјави на вечерашната прес-конференција по затворањето на гласачките кутии, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Тој изборите ги оцени како мирни и успешни, „кои ги задоволуваат највисоките критериуми за демократски изборен процес“.
„Ги имавме можеби најпримерните и најмирните избори во поновата историја. За тоа заслугата ја имаат пред сè граѓаните на Македонија. Им благодариме на одзивот, решителноста, одлучноста и континуирана желба да ја наградат работата, проектите да бидат на вистинската страна. Очекуваме одличен изборен резултат и огромна победа кои ќе бидат одлика на волјата на граѓаните, но и порака до сите оние кои ја влечат на дното државата, на погрешната страна, во целосна безидејност, без концепт и без визија. Македонија одлучи да стави крај“,
рече Муцунски.
Според него, информациите за некои нерегуларности се стратегија на СДСМ за да го оправдаат својот пораз.
„Гласините за некои изборни нерегуларности кои треба да фрлат дамка на изборниот процес, ги гледаме како стратегија на СДСМ и нашите противници како барање алиби за изборниот пораз кој очигледно следи. Тоа е партија со многу проблеми кои во периодот што следи ќе им бидат главниот камен на сопнување. Време е оваа партија конечно да почне да се реформира. Победата ќе биде чиста и јасна, а тоа значи за нас одговорност која не смееме да ја изневериме“,
порача Муцунски.
Засега рече дека е рано за првични изборни резултати, но, како што нагласи, очекуваат подобар резултат и повеќе градоначалници во однос на минатите локални избори од 2021 година.