Овој напад, според него, претставува непромислена ескалација што ги загрозува регионалната и глобалната безбедност и дополнително го крши меѓународното право
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на социјалната мрежа Икс го осуди последниот руски ракетен напад врз Украина во кој беше употребена балистичката ракета „орешник“.

„Ја осудуваме употребата на хиперсонична балистичка ракета ‘орешник‘ од страна на Русија против Лавов, Украина“,
напиша тој на Икс.
Овој напад, според него, претставува непромислена ескалација што ја загрозува регионалната и глобалната безбедност и дополнително го крши меѓународното право.
„Застануваме зад Украина и ги поддржуваме напорите предводени од САД и Европа за постигнување сеопфатен и траен мир, нешто што оваа ескалација само го поткопува“,
напиша тој.
We condemn Russia’s use of the Oreshnik hypersonic ballistic missile against Lviv, Ukraine.
— Timco Mucunski (@TimcoMucunski) January 9, 2026
This is a reckless escalation that endangers regional and global security and further violates international law.
We stand with Ukraine and support US- and European-led efforts to…
Русија ја употреби ракетата „орешник“ во напад на областа на Лавов, на околу 60 километри од границата со Полска, во кој загинаа четири лица.
„Орешник“ е балистичка ракета со среден дострел помеѓу 500 и 5 500 километри, а може да развие брзина до 10 маха, што го отежнува нејзиното пресретнување. Ова е втор пат Москва да ја користи оваа ракета. Првпат беше употребена во ноември 2024 година, кога погоди индустриски објект во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди овој руски напад врз Украина, барајќи итна реакција и од меѓународната заедница.
