„Ние и во минатото, со други наши соседи сме имале вакви слични состојби, секогаш сме реагирале на соодветен, дипломатски пат. Дополнително ќе процениме во рамките на институцијата какви мерки и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање, но јас сум не само негативно изненаден, туку сум и длабоко, длабоко разочаран за односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија одговарајќи на новинарско прашање
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска коментирајќи го случајот со адвокатот Тони Менкиноски кажа оти е многу разочаран од односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани.

За потсетување, адвокатот Менкиноски во саботата на прес-конференција информира дека ден претходно добил десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Менкиноски рече оти добил официјален документ во кој пишува дека наводно тој претставува закана за националната безбедност на Бугарија.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали и како планира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да реагира, Муцунски рече оти искомуницирале со адвокатот, а најави и средба со негов во текот на наредните денови.
Од институционална гледна точка, ресорниот министер рече дека за него е многу значајно да ги види сите аспекти околу информацијата што ја добил адвокатот.
Сепак, според она со кое првично е запознат, Муцунски рече оти е многу загрижен и негативно изненаден од тоа како една земја членка на Европската Унија се однесува со наш граѓанин, којшто имал една и единствена цел – да штити права на група граѓани пред европските институции.
Тој најави соодветна реакција, а кои мерки и каков механизам ќе бидат искористени за тоа, дополнително ќе биде проценето.
„Ние и во минатото, со други наши соседи сме имале вакви слични состојби, секогаш сме реагирале на соодветен, дипломатски пат. Дополнително ќе процениме во рамките на институцијата какви мерки и кој механизам ќе го искористиме што го имаме на располагање, но јас сум не само негативно изненаден, туку сум и длабоко, длабоко разочаран за односот на една земја членка на Европската Унија кон нашите граѓани, а по однос на тоа што ќе се случува во иднина секако ви стоиме на располагање и ќе ве информираме за какви мерки и дејствија ќе преземе, бидејќи, како што гледам, и во јавноста има голем интерес по ова прашање“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Одговарајќи на дополнително прашање дали ќе се бара осуда за случајот од евроамбасадорот во земјава, како и од останатите земји членки на Унијата, на што сугерираше премиерот Христијан Мицкоски викендот, шефот на диломатијата посочи дека, според него, е клучно кои дејствија ние како држава ќе ги преземеме, а дали некој ќе одлучи да осуди или не, тоа како што кажа, е во доменот на неговото лично одлучување.
„Ќе повторам, вакви случаи сме имале и во минатото и по мене клучно е кои дејствија ние како држава ќе ги преземе. Затоа што на крајот на денот, политичката осуда јас и да ја дадам и да не ја дадам, факт е дека во 21. век се случува рецензија врз еден човек, само заради тоа што веројатно си ја вршел работата. Тој е адвокат, така, и една од примарните обврски на еден адвокат е да ги заштитуваат оние на коишто сметаат дека им се повредени човековите права. И не сакам да верувам дека Европската Унија, во која посакуваме да станеме полноправна членка ќе застане на страната на едни вакви ретроградни дејствија и механизми коишто доаѓаат од нашиот сосед. Дали некој ќе одлучи да осуди или не, тоа е во доменот на неговото лично одлучување“,
рече Муцунски.
Неговата обврска како министер, како што посочи, е првин да го каже својот, а потоа да го изрази и ставот на државата.
Но, третото и најбитно, додаде, е што ќе направиме да го „заштитиме интересот на нашиот граѓанин и правата на нашиот граѓанин, што во моментот апсолутно се загрозени поради дејствија на една земја членка на Европската Унија“.
Адвокатот Тони Менкиновски на прес-конференцијата во саботата кажа дека се сомнева оти забраната е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Смета дека ваквото решение на бугарските власти е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка.
Забраната му била врачена во петокот, на 6 март, при обид за влез во Бугарија, кога на граница му ставиле црн печат во пасошот.

Одлуката ја нарече срам за Бугарија, но и за Европската Унија, и најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори. Дополнително рече дека за случајот ќе бидат информирани Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ и Обединетите нации, како и меѓународните организации што ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, случајот го оцени како срам за демократијата кај нашиот источен сосед, но и уште поголем срам за „сите оние што не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед“.
„Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред сѐ мислам на земјите членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат доколку се потврди дека ова е точно“,
рече Мицкоски.
