Тој нагласи и дека персоналот на македонската амбасада се наоѓа на безбедна локација и воедно упати апел до граѓаните да се воздржат од патување во Израел и Иран
Дваесет и осум македонски државјани се пријавиле за евакуација од Израел. Очекувањата се осум лица до крајот на денов или најдоцна утре да бидат префрлени на безбедна територија, соопшти денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Како што посочи тој, евакуацијата ќе се врши со владин авион.
„Веднаш по добиените информации за ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, Министерството, преку нашата амбасада во Израел, започна активности за евакуација на наши граѓани. Формиран е и кризен штаб за нивно безбедно извлекување. Согласно најновите информации, 28 државјани побарале поддршка за евакуација. Очекуваме осум наши државјани до крајот на денов или најдоцна утре да се префрлат на безбедна територија. Ќе се организира и безбеден конвој за транспорт кон Египет. Втората група се очекува да го напушти Израел веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Во оваа фаза евакуацијата ќе се реализира со авион кој ќе обезбеди транспорт“,
рече Муцунски.
Тој нагласи и дека персоналот на македонската амбасада се наоѓа на безбедна локација и воедно упати апел до граѓаните да се воздржат од патување во Израел и Иран.
„Изразуваме најдлабока загриженост за ескалацијата, апелираме сите страни да го почитуваат меѓународното право“,
додаде тој.