Министерот за надворешни работи истакна дека Владата ја придвижува земјава кон Европа преку воведување конкретни проекти и реформи, а на опозицијата ѝ порача да дејствува рационално и разумно и да не му штети на европскиот процес, туку да помогне преку спроведување на реформите внатре во државата
Преговорите не можат да бидат блокирани зашто никогаш не ни започнаа благодарение на СДСМ и ДУИ, порача во објава на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски реплицирајќи на обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека Владата не сака да го откочи евроинтегративниот процес.

Муцунски порача дека од актуелната власт никогаш нема да се слушнат големи зборови без покритие и, како што рече, празни чекори во сегашноста. Додаде дека Владата ја придвижува земјава кон Европа преку воведување конкретни проекти и реформи како бесплатен роаминг во ЕУ, зелени ленти за македонските превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, како и партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ.
„Оттука, Венко е во право – зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа“,
пишува Муцунски во објавата на Фејсбук.
Министерот ја повика опозицијата да дејствува рационално и разумно и, како што вели, да не му штети на европскиот процес, туку да помогне преку спроведување на реформите внатре во државата.
„Ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси“,
додава Муцунски.
Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, а дека реформските закони и дипломатската активност се во застој.