Во Србија се лекуваат 31 пациент, во Бугарија 15, во Турција и Грција по 12, во Шпанија 7, во Австрија и Унгарија по 6, во Хрватска 5, по 4 пациенти се згрижени во Белгија, Литванија, Италија, Словенија и Шведска и во Полска се лекуваат 2 пациенти

Вкупно 116 пациенти се хоспитализирани во 14 држави, од кои за 38 лица медицинската грижа е обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, активиран веднаш по несреќата, соопшти денеска на прес-конференција министерот Тимчо Муцунски.
Министерот изрази благодарност за брзата и реакција на Кризниот штаб во МНР кој во координација со дипломатските мисии и сите надлежни институции овозможи транспорт на дел од пациентите до странски болници во најкус можен рок.
Во Србија се лекуваат 31 пациент, во Бугарија 15, во Турција и Грција по 12, во Шпанија 7, во Австрија и Унгарија по 6, во Хрватска 5, а по 4 пациенти се згрижени во Белгија, Литванија, Италија, Словенија и Шведска. Во Полска се лекуваат 2 пациенти. Дополнително, Чешка и Израел испратија медицински тимови, а Романија, Луксембург, Норвешка и Финска обезбедија логистичка поддршка за транспортот на повредените.
Министерот Муцунски нагласи дека лично ги посетил болниците во Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена и Љубљана, и најави посета на Будимпешта во наредните денови.
„Се сретнав со нивните семејства и со медицинскиот персонал, од кои добив детални информации за здравствената состојба на секој пациент. На најблиските им пренесов дека државата стои целосно зад нив, додека на здравствените работници им изразив длабока благодарност за пожртвуваноста и професионалноста во битката за спасување животи. Исто така, реализирав средби со моите колеги министри за надворешни работи и здравство, на кои упатив благодарност за солидарноста и подготвеноста да помогнат во овие исклучително тешки моменти. Нивната поддршка ни значи многу – не само од медицински аспект, туку и како израз на блискост, човечност и пријателство“,
рече Муцунски.
Трошоците за лекувањето се покриени од страна на државите-домаќини, додека Владата, вели Муцунски, ги покрива сите трошоци за пат, сместување и логистика за семејствата.
На крајот, Муцунски упати благодарност до сите вработени во здравствениот систем, кои покажаа исклучителна пожртвуваност и професионалност.