Агенцијата за разузнавање го следи објавувањето на нон-пејперите и забележува дека тие не го постигнаа посакуваниот ефект, констелациите на Западен Балкан се далеку посложени и покомплицирани за да се решат со вакви неофицијални документи, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во интервју за „Дојче веле“. Според него, главниот интерес на агенцијата е кој е креаторот на тие документи и која е нивната цел.
„Сознанијата упатуваат на разузнавачки заклучок дека некои политичари во регионот се обидуваат да излезат надвор од нивните граници во обид да се претстават пред ЕУ како релевантна адреса која може да помогне во процесот на решавање на отворените прашања на Западен Балкан. Некои меѓу нив ја преценуваат моќта, а се базираат на добрите контакти во разните лоби групи кои постојат во ЕУ. Опасноста ја гледам, пред сѐ, политичарите од регионот на Западен Балкан да влезат во матрицата на хибридната стратегија, а со тоа и да бидат алатка за реализација на сценаријата од таканаречени нон-пејпери. Нон-пејперите со леснотија исцртуваат решенија базирани на етнички принцип, иако на сите им е кристално јасно дека по распаѓањето на СФРЈ, новите држави се формираа врз база на тогашните административни граници, а не врз база на етнички принцип. Појавата на ваквите неофицијални документи со смели предлози е опомена за одолговлекувањето на официјалниот дијалог меѓу Белград и Приштина и останатите разговори за отворените прашања во регионот“
вели Муслиу.
Односите меѓу С Македонија и Бугарија, според Муслиу, се политичко прашање, но ако се гледаат од аспект на безбедносно, директорот на Агенцијата за разузнавање вели дека блокадата на европскиот пат на РСМ негативно ќе влијае врз регионот и ќе се даде простор за дејствување на други геополитички сили, на кои порастот на евроскептицизмот поволно ќе влијае врз реализирањето на нивните стратегиски цели.
„АР е фокусирана да идентификува дали зад кочењето во евроинтеграциските процеси на РСМ и регионот на Западен Балкан евентуално стојат други геополитички сили, кои имаат интерес да го забават процесот на проширување на ЕУ, односно на интегрирањето на Западниот Балкан во Европската Унија“,
порачува Муслиу.
Во однос на протерувањето на рускиот дипломат од земјава, Муслиу вели дека тоа не било акт на солидарност со сојузниците од НАТО кои протеруваа руски дипломати поради вмешаност во недозволиви разузунавачко-дипломатски активности на нивни територии. Во нашиот случај се работи за недолично однесување на дипломатски претставник, објаснува Муслиу.
„Се работи за службеник во амбасадата на Руската Федерација, кој направил инцидент со вработени во угостителски објект во Скопје и пружил отпор на преземени службени дејствија, со што го нарушил јавниот ред и мир. За ваквото недолично однесување на рускиот службеник соодветно била информирана руската амбасада. Во однос на ваквите случаи, небитен е фактот дека РСМ е мала држава по географска површина, но треба да се знае дека нашата геостратешката позиција има вредност за НАТО и ЕУ. Нашите служби можеби изгледаат мали, но ве уверувам дека сме ефикасни и никогаш нема да дозволиме да не се почитуваат нашите институции и вработените на сензитивни позиции“,
додава Муслиу.
