Добиваме нови информации за „Диво насеље“. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на дел од водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој посочи дека не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност.
„По однос на „Кумановскиот настан“, морам да го кажам ова, констатирана е неискреност кон Јавното обвинителство. За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на двоецот Ризај и Ндрецај,“
вели Муслиу.
На прашањето, дали оперативците вмешани во овие настани, коишто ги спомнува, се уште работат уште во Агенцијата за разузнавање, Муслиу вели:
„Од оние кои биле вклучени во раководењето, давање инструкции и оперативното постапување на терен, поврзано со „Кумановскиот настан“ можам да кажам дека денес неколкумина од нив не се веќе припадници на Агенцијата, а тогашниот директор сега е министер за внатрешни работи. По однос на насилниот упад во Собранието, како што знае и јавноста, имаме еден осуден припадник на Агенцијата, други кои биле ангажирани веќе не се дел од нашиот состав, а тогашниот директор истотака веќе не е дел од армиско безбедносниот состав“,
вели Муслиу.
За случајот со насилниот упад во Собранието пак, Муслиу вели дека направени се грешки во раководењето и селекцијата на оперативците кои биле ангажирани и посочи дека е нејасно зошто била инволвирана Агенцијата и нејзини припадници во настани од надлежност на органите за јавен ред.
Муслиу вели дека за двата настана, Агенцијата доставила две обемни анализи до јавното обвинителство со кое очекуваат средба за да се расветлат случаите.