На утринската молитва одржана по повод празникот во Мустафапашината џамија во Скопје, покрај поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи присуствуваа и собранискиот спикер Африм Гаши, првиот вицепремиер Беким Сали и амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, честитајќи го празникот вели дека енергијата и топлината на светиот месец, не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани од исламска вероисповед, туку се чувствуваат во целата заедница
Верниците од муслиманска вероисповед во земјава денеска го слават празникот Рамазан бајрам, кој доаѓа по завршување на постите кои траеја цел месец, а во кој тоее не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.
Месецот Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар, а воедно се смета за месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите – Куранот.

Празникот денеска се означува со утринска молитва во џамија, а потоа верниците одат на гробишта за да ги посетат гробовите на нивните предци и блиски.
Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа и на останатите. Рамазан бајрам се слави три дена.
На овој ден муслиманите им помагаат на сиромашните, на децата без родители и на осамените. Тоа, како што велат познавачите на исламот е должност на секој муслиман за овој празник.
Честитка по повод празникот прв упати поглаварот на Исламската верска заедница во земјава (ИВЗ), Шаќир Фетаи со желби да бидеме луѓе на мирот и солидарноста во нашите семејства, во нашето општество и секаде каде што живееме.
„Нека Алах го направи овој празник извор на мир, благосостојба и среќа за сите“,
рече тој.
Според поглаварот на ИВЗ, со празникот се испраќа и порака на светот дека моралните вредности се највисоката цел на човечката активност.
„Мирот што го негуваме за време на Рамазан покажа дека човештвото треба да биде посветено на почитување на човечките вредности, избегнувајќи убиства, војни, масакри и геноциди. Исто така се обидовме да се оддалечиме од пороците и злото, покажувајќи дека секое општество треба да се бори против аномалиите што го загрозуваат неговиот живот и младината, како алкохолизмот, проституцијата, наркоманијата, корупцијата и други појави што му штетат на човекот и на општеството“,
се вели во честитката на Фетаи.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, честитајќи го празникот вели дека енергијата и топлината на светиот месец, не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани од исламска вероисповед, туку се чувствуваат во целата заедница.
„Во време кога целото човештво се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина. Да продолжиме да ја негуваме пријатната атмосфера во текот на целата година и да бидеме исполнети со благост, солидарност и емпатија“,
пишува во честитката на претседателката.
Собранискиот спикер Африм Гаши упати честитка до верниците од муслиманска вероисповед со жеелби за добро здравје, мир, радост и благосостојба.
Порача бајрамските денови да донесат спокој во домовите, радост во семејствата и надеж во срцата.
„Во духот на празникот, да продолжиме заеднички да негуваме соживот, толеранција и почитување, како темели на нашата заедничка иднина“,
вели Гаши.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека овој оразник не учи дека силата на едно општество се мери преку тоа колку сме подготвени да подадеме рака, да помогнеме и да покажеме разбирање.
„Како народ, секогаш сме знаеле да стоиме еден покрај друг во најважните моменти. Затоа, денес, повеќе од кога било, потребно е да го негуваме соживотот, да градиме доверба и да вложуваме во заедничката иднина исполнета с стабилност и просперитет за сите граѓани“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче вели дека Рамазан бајрам е празник кога се слави хуманоста, кога се зацврстува меѓусебната почит и разбирање, кога најсилно се чувствува вредноста на заедништвото.
„Со почитување на овие вредности, да продолжиме да ја градиме нашата држава како дом за сите – праведен, солидарен и обединет, затоа што различностите се наша сила, а заедништвото наша најголема вредност“,
порача Филипче.
На утринската молитва одржана по повод празникот во Мустафапашината џамија во Скопје, покрај поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаи присуствуваа и собранискиот спикер Африм Гаши, првиот вицепремиер Беким Сали и амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој.
