Премиерот Христијан Мицкоски испрати порака за почитување на различностите кои се дел од државата бидејќи на тој начин, како што рече, ќе биде изградена држава на среќни и задоволни граѓани. Порача дека заложбата на Владата е државата да се гради во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција
Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Рамазан Бајрам. Карактеристично за празникот е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.

По повод празникот, државниот врв во земјава упати честитки до сите муслимански верници.
Премиерот Христијан Мицкоски во свое и во име на Владата им го честита Курбан Бајрам на верниците од исламска вероисповед и испрати порака за почитување на различностите кои се дел од државата бидејќи на тој начин, како што рече, ќе биде изградена држава на среќни и задоволни граѓани. Порача дека заложбата на Владата е државата да се гради во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција.
„Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини“,
порача Мицкоски во честитката.
Честитка до муслиманските верници испрати и собранискиот претседател Африм Гаши. Порача дека Собранието останува посветен партнер во унапредувањето на слободата на вероисповед и во градењето општество на еднакви можности за сите.
„Нека празничните денови внесат духовен мир, здравје и изобилство во Вашите домови, а солидарноста и милосрдието што ја одликуваат бајрамската традиција послужат како поттик за уште поголема меѓусебна почит и заедништво во нашето мултикултурно општество. Убеден сум дека со заедничка посветеност, сите ќе продолжиме да го јакнеме соживотот, толеранцијата и хуманоста во нашата држава“,
напиша Гаши во честитката.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека како празник на дарувањето и помагањето, Курбан бајрам ја истакнува благородноста на човекот и мотивира за грижа за сите членови на заедницата. Порача дека како општество мора да ја чуваме и негуваме солидарноста, сплотеноста, почитта и грижата.
„Живееме во сложени и динамични времиња со тектонски политички и економски промени на глобално ниво, коишто бараат мудрост, заедништво и силна волја и истрајност. Да се потпреме еден на друг, да ги развиваме емпатијата и солидарноста, и суштински да се залагаме за благосостојбата на сите наши сограѓани и за просперитет на татковината!“,
порача Сиљановска-Давкова во честитката за Курбан Бајрам.