Според министерот за европски прашања, европските средства не се под закана, но може да бидат ако во дополнителниот рок една година реформите не се завршат успешно
Процентот на исполнетост на реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан во јуни ќе биде малку понизок од оној во декември, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната прес-конференција по повод една година Влада. Муртезани, сепак, смета дека европските средства не се под закана, но рече дека потенцијално може да бидат ако во дополнителниот рок една година реформите не се завршат успешно.

„Тоа значи дека во јуни во 2026 година ќе бидат под ризик бидејќи тогаш ќе ги изгубиме, a дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање“,
рече Муртезани.
Во однос на петте чекори со рок до декември, кој беше пролонгиран до февруари 2025 година, Муртезани рече дека се чека формалниот извештај, кој треба да биде готов до крајот на месецот. Додаде дека предвидените финансиски средства за реформите ќе бидат исплатени согласно успешноста на нивното спроведување. Во однос на реформите со рок до јуни 2025 година, министерот повика да се почека уште еден ден.
„Претходната недела и денес сме во интензивна комуникација со сите институции. Тоа што претходниот пат беше како слабост… значи, сите насоки за финализирање на чекорите стигнаа буквално после крајниот рок за спроведување на реформите. Сега има малку појасна слика, меѓутоа појасната слика значи дополнително покомплексен процес“,
изјави Муртезани.
Додаде дека прелиминарно, целиот просек во регионот за исполнетост на реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан е околу 50-60 проценти успешна спроведеност.