Прашан дали отворената поддршка на ВМРО-ДПМНЕ повеќе им помага или им одмага на кандидатите на ВЛЕН во овој политички контекст, потпретседателот на Алтернатива (дел од ВЛЕН) и министер за европски прашања вели дека овој начин на соработка не започнал со нив и оти бил традиционален кога ДУИ била во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, а потоа и со СДСМ

Двоглавиот орел е симбол што го користат сите Албанци уште од времето на Скендербег, а особено по осамостојувањето на Албанија, но власта не те прави орел, оти како што слушавме во прислушкуваните разговори во времето на владеењето со Груевски, власта може да те направи и пиле како што ги правеше нив (ДУИ, н.з.) – вели министерот за европски прашања од редовите на коалицијата ВЛЕН (потпретседател на Алтернатива), Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Муртезани вели дека делата може некого да го направат „орел“ или успешен политичар, а не реториката која служи за закана дека мора да бидеш дел од секоја власт. Во однос на тоа какви прашања доминираат во кампањата кај партиите на Албанците, Муртезани вели дека ВЛЕН константно говори за проекти, финансирање и буџети, додека ДУИ ги подгрева страстите кај Албанците, сакајќи да ги покријат неспособноста и корупцијата.
„ДУИ, бидејќи за 22 години Али Ахмети не постигнал да направи канализација за своето село, е многу тешко да ги убедите граѓаните дека после 22 години власт, вие сега ќе направите канализација, водоводна мрежа, училишта итн. Затоа, имајќи предвид дека тие на терен ќе се соочат со прашањето – па зошто не сте ги правеле досега, од конкретни проекти преминуваат во националистичка кампања, во навреда и подгревање на страстите на Албанците, сакајќи така да ги злоупотребат и да ги користат како штит за нивната масовна корупција“,
рече Муртезани.
Тој порачува дека тие нема да го спуштат нивото, иако можеби имаат и морално право пожестоко да одговараат на прозивките и навредите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Но, вели Муртезани, тоа зборува за тоа кој каков човек е, какви вредности има, колку е демократ и врз основа на тие работи, станува јасно за каков профил на луѓе станува збор.
Прашан дали отворената поддршка на ВМРО-ДПМНЕ повеќе им помага или им одмага на кандидатите на ВЛЕН во овој политички контекст, Муртезани вели дека овој начин на соработка не започнал со нив и оти ваквите случаи биле традиционални кога ДУИ бил во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, а потоа и со СДСМ.
Муртезани: Ако ги гледате гласовите коишто ги земаат кандидатите и советничките листи, секогаш има огромна разлика. Така што, таков начин на соработка…
360°: Но, во првиот круг обично имале и ВМРО и СДСМ свои кандидати на местата на коишто сега немаат.
Муртезани: На пример, не памтам некогаш ВМРО или СДСМ да имале градоначалник во Чаир, на пример.
360°: Не градоначалник, но листа….
Муртезани: Затоа реков дека гласовите за кандидатот и гласовите за советничката листа секогаш се разликувале поради таквата поддршка помеѓу коалиционите партнери. И таква поддршка е нормална, постоела и порано, постои сега, ќе постои и во иднина, сè додека коалиционите партнери се придржуваат кон одредени принципи или вредности.
Во однос на обвинувањата на ДУИ на адреса на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, пред се дека тој е албанофоб, Муртезани кажа оти ако се водат по суштината на критиките на ДУИ, тогаш ќе се види оти нивната замерка е зошто Мицкоски го одбрал ВЛЕН како коалиционен партнер, а не суштински напади, аргументи и факти. За обвинувањата дека Мицкоски е албанофоб, Муртезани вели:
„Прво, јас упорно и одговорно тврдам дека не е албанофоб, бидејќи многу блиску соработувам, многу често патувам со премиерот и гледам како е принципот. Меѓутоа, ако сакате да наметнете одредена националистичка реторика за време на локални избори кога треба да се збори за проекти, а не за други работи, многу е полесно да се служите со вакви фрази и тие фрази обично нема потреба и да се потврдат со одредени факти. Ќе кажете одредена работа за да вршите притисок врз мандатарот, во овој случај претседателот на Владата, и на некој начин да се заканите дека ако не ве земе вас, ќе се соочи со одредени последици“.
Министерот за европски прашања смета дека таквите изјави немаат влијание врз гласачите, бидејќи Ахмети ги говорел истите работи и пред парламентарните избори, но тоа не го дало посакуваниот ефект.
„Истата реторика беше и ние не видовме дека има одредено влијание врз гласачкото тело. Албанците во Македонија знаат точно со што се соочувале за време на 22 години владеење на ДУИ. Знаат точно дека ова ДУИ коешто денес се прават орли и големи патриоти, владееја со Никола Груевски 12 години, во време кога се случуваа многу тензии и многу притисок врз албанската заедница и немаше политичка сила во светот којшто можеше да ги извади од Владата“,
рече Муртезани.