„Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а секако потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот“ – изјави министерот Муртезани, на прашањето дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите – предлог што неодамна го спомена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Заедно со европските партнери се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија со цел надминување на спорот и деблокада на евроинтегративниот процес на земјава – изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани на заедничката прес-конференција во Скопје со министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц, која е во посета на земјава.

Муртезани ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите – предлог што неодамна го спомена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како едно од креативните решенија за спорот со Софија.
„Тоа што се работи константно, а поинтензивно по локалните избори заедно со нашите европски партнери, е воспоставување на дијалогот и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување на дијалог и градење доверба, а секако потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот“,
изјави Муртзани.
Прашан да ја коментира изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која рече дека е убедена оти во земјава се работи на прашањето за уставните измени, Муртезани вели:
„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема отворање на преговорите и нема членство во ЕУ. Меѓутоа, како што нагласив, во моментов ние не може да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да може на европски начин да градиме заедничка европска иднина иднина.“
Американската амбасадорка Анџела Агелер во изјава за ТВ 21 пред два дена рече дека е стопроцентно убедена дека се работи на прашањето за уставните измени, што треба да го откочат процесот за членство во ЕУ. Посочи дека станува збор за сложен процес, но дека се работи за негово отпочнување.
