Во оваа смисла, министерот за европски прашања на средбата со својот германски колега нагласил дека е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатералните прашања, за да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството
Процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи – порачал министерот за европски прашања Орхан Муртезани за време на средбата во Берлин со германскиот министер за Европа, Гинтер Крихбаум. Во оваа смисла, Муртезани нагласил дека е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатералните прашања, за да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството.

За време на средбата била потенцирана и важноста од зајакнување на европските инструменти за надзор, како гаранција за кредибилитетот на евроинтегративниот процес.
„Во фокусот на разговорите беа и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите кандидати“,
информираат од Министерството за европски прашања.
Муртезани се заблагодарил за поддршката на Германија во процесот на македонските евроинтеграции, а во оваа смисла соговорниците се осврнале на реформската агенда на земјава и улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни проекти каде Германија често е водечки партнер.

Како важно, Муртезани и Крихбаум го потенцирале споделувањето на германското искуство за спроведување на европското законодавство и унапредување на институционалните капацитети во земјава за користење на европските фондови и имплементација на реформите.
„Соговорниците разменија мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар. Истакнати беа и придобивките од конкретните иницијативи и договори постигнати во рамки на Берлинскиот процес, кои го унапредуваат европскиот дух и поврзаноста на регионот со Унијата“,
додаваат од Министерството на Муртезани.
На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на партнерството во иднина, преку интензивирање на соработката во клучните сектори, пренос на европско знаење и експертиза, како и преку заеднички проекти насочени кон подобрување на животот на граѓаните и приближување кон европските стандарди.