Од тимот на Пендаровски, додаваат од МТВ во реакцијата, немало одговор до 1 мај по што била испратена порака до тимот да се изјаснат за дуелот. Во одговорот што го добиле, додаваат од МТВ, стоело дека не можат да ја организираат агендата и оти не можат да успеат

Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Стево Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ, се наведува во реакцијата од јавниот сервис испратена вечерва.
Реакцијата доаѓа откако кандидатот за претседател Стево Пендаровски на социјалните мрежи објави дека дебатата никогаш не била договорена меѓу двајцата кандидати.
Во реакцијата од МТВ се вели дека покана за предизборно соочување била испратена на 26 април до двајцата кандидати кои ќе бидат во вториот круг од претседателските избори и оти биле предложени три датуми – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник).
„Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател“,
се вели во реакцијата од МТВ.
Од МТВ велат дека од тимот на Гордана Силјановска Давкова, на 27 април ги известиле дека го прифаќаат 2 мај – четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин.
Од тимот на Пендаровски, додаваат од МТВ во реакцијата, немало одговор до 1 мај по што била испратена порака до тимот да се изјаснат за дуелот. Во одговорот што го добиле, додаваат од МТВ, стоело дека не можат да ја организираат агендата и оти не можат да успеат.
„Во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк“,
се додава во соопштението.
Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат, Стево Пендаровски денеска во објава на социјалните мрежи напиша дека дуелот на Македонска телевизија за кој објави неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова никогаш не бил договорен.
Пендаровски вели дека последна дебата која ќе ја имаат и која е потврдена од двајцата кандидати е таа на 6 мај на телевизија Канал 5.
Претходно денеска кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот профил на Икс напиша дека во најзначајната претседателска дебата на Македонската телевизија, ќе дебатира со „празно столче“.