Официјални претставници на американската сојузна држава Џорџија, една од клучните за исходот од изборите во САД, денеска најавија дека во ова држава ќе има пребројување на сите пристигнати гласови, пред сè, поради многу малата разлика во гласовите.
Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, изјави дека очекува гласовите во таа држава повторно да бидат преброени заради тесната разлика помеѓу Џо Бајден и Доналд Трамп, пренесува „Ројтерс“.
Двајцата во моментов имаат по 49,4% од гласовите, според проекции на повеќе американски медиуми.
Според извештаите на „Си-ен-ен“, Бајден е во тесно водство од 1 584.

Кандидатот за претседател Џо Бајден, според процените на американските медиуми, води во бројот на изборни (електорски) гласови пред актуелниот претседател Трамп и има меѓу 253 и 264 гласачи во зависност од процената на индивидуалните медиуми за тоа дали тој ја „освоил“ Аризона или не. Трамп, пак, во моментов има 213 изборни гласови.
До Белата куќа водат 270 гласови.
Џорџија носи 16 изборни гласови. Оваа држава, заедно со Аризона, Невада и Пенсилванија, се местата каде гласовите ќе покажат кој во следните 4 години ќе биде претседател на САД.
Бајден е во тесно водство и во Аризона и во Невада, а претходно го презема водството и во Пенсилванија. Таму во моментов тој води со нешто помалку од 9 000 гласови, според „Си-ен-ен“.
Во Аризона, според истиот медиум, демократот води со нешто повеќе од 43 000 гласови, а во Невада со околу 20 000.
Пенсилванија носи 20 изборни гласови, Аризона 11, а Невада 6.
Единствената држава, каде води Трамп, а која може да ги доближи кандидатите до Белата куќа, е Северна Каролина која носи 15 изборни гласови. Таму актуелниот претседател води со речиси 77 000 гласови пред Бајден.