Осврнувајќи се кон испитувањата на јавното мислење за рејтингот на политичките партии во предизборието кои беа објавени во емисијата „Објектив“, а кои беа оспорени од СДСМ, од јавниот сервис посочуваат дека во нив се вклучени две реномирани агенции чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а оти во емисијата гостуваат реномирани гости од општествено-политичкиот живот во земјава
Уредувачкиот колегиум на Македонската радио-телевизија (МРТ) преку соопштение реагира на обвинувањата на владејачкиот СДСМ оти низата анкети во кои се мери рејтингот на политичките партии во предизборието, а кои беа емитувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис, се лажни и по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.

Од МРТ ги отфрлаат сите, како што велат, неосновани напади за професионалноста и објективното известување на јавниот сервис и посочуваат оти како и досега, така и во иднина МРТ ќе известува точно, проверено, објективно и согласно сите етички и професионални стандарди за известување.
„Јавниот сервис своите обврски кон тие за кои и постои – граѓаните, ги реализира согласно сите законски регулативи и етички норми. Македонската телевизија, програмската содржина ја конципира според правилата кои претставуваат операционализација на обврските што ги има согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми и согласно Етичкиот кодекс. Јавниот сервис е отчетен кон публиката и постапува транспарентно кон неа. Отчетноста значи дека сите медиумски работници вклучени во програмата стојат зад нивната работа“,
се наведува, меѓу другото, во писмената реакција на МРТ.
Осврнувајќи се кон испитувањата на јавното мислење за рејтингот на политичките партии во предизборието кои беа објавени во емисијата „Објектив“, а кои беа оспорени од СДСМ, од јавниот сервис посочуваат дека во нив се вклучени две реномирани агенции чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а оти во емисијата гостуваат реномирани гости од општествено-политичкиот живот во земјава.
Додаваат оти целта и определбата на МРТ е ваков тип емисии да има пред секој изборен циклус во државата.
„МТВ во никој случај нема да влезе во дневно политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Уште еднаш апелираме политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис. Секое намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во јавните институции по дефиниција е штетен наратив. Во тој контекст, штетните наративи кон јавниот сервис растат во изборниот период“,
посочуваат од Македонската радио-телевизија.
Нагласуваат дека за ваквите партиско-политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на МРТ ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации како и амбасадите и Мисијата на ОБСЕ.
Реакцијата на МРТ следува откако утринава владејачкиот СДСМ, објавувајќи документи, обвини оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис.