Имотот кој требало да биде конфискуван во случајот „Труст“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета за државата од над 12 милиони евра, утврдија антикорупционерите на денешната седница. Обемно и во детали членот на ДКСК Шемши Салаи го презентираше предметот за кој рече дека појдовна точка на испитување била – зошто РСМ не може да го конфискува имотот на „Трансмет“.
Според ДКСК, постоела цела шема со која се обезвреднил имотот, а вклучени биле нотари, обвинители, правобранителството, проценители, како и приватни фирми. Антикорупционерите објаснија дека во шемата најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата-движниот имот најверојатно е користен во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан.
„Проценителите на вредноста на имотот на ‘Трансмет’ сториле злоупотреба на службена положба со начинот на кој го вреднувале имотот со што бил оштетен државниот буџет,“
рече Салаи.
ДКСК наоѓа слабости уште во почетокот на процесот во предметот „Труст“ во СЈО, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан.
„Мрежата била сплетена со голем број учесници со што навистина се овозможило со имот кој потекнува од кривично дело да се изнуди гаранција за човек да се суди од слобода. И да се направи цела конструкција за РСМ да не може да го конфискува имотот, нормално, тука има помош од ‘Пуцко петрол’, проценители, извршители. Како може ист проценител да биде и од страна на осудениот и од СЈО, како може толку да се потцени имотот“,
рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Антикорупционерите побараа преиспитување на работата на дел од институциите вклучувајќи ги Агенцијата за управување со одземен имот, Државното правобранителство, судовите и обвинителствата.